Сакајќи да дознаеме нешто повеќе за тоа колкав е интересот кај жените во руралните средини за искористувaње на средствата од мерката 115 „Активен женски член на земјоделско домаќинство“ Агротим беше во домот на четириесет годишната Мирјана Митровска од село Добрушево, Општина Могила .
Насмеана и расположена, со неизбежното кафе за добредојде, не пречека Мирјана.

Секако тука е и нејзиниот сопруг Никола кој гордо ни ја покажа куќата и дел од имотот што го наследил од својот татко и дедо.
–Штета што е зима , треба да дојдете на пролет па да видите што се има на нашите ниви. Сега се е собрано, продадено и преработено – вели Никола.

Соработката на ова семејство со Агенцијата поттикнување на земјоделството и руралниот развој е навистина на завидно ниво. Така и за овој повик „Рурална жена“ дознале токму од вработените во оваа агенција, поточно од советникот Андреа Соколовски кој им ги кажал предностите на мерката, намената и условите.

Веднаш препознале шанса токму за Мирјана бидејќи таа е е носител на нивното земјоделско стопанство ИЗ ЈУРУК –НМ Мирјана Митровска, кое го основале пред 2 години со помош на кредит за самовработување од Агенцијата за вработување.
-Кредитот требаше да го вратам за 5 години. Еве поминаа само две, а јас сега ќе ја исплатам последната рата – гордо раскажува Мирјана.

Ова семејство веќе 20 години се занимава со земјоделство. Мирјана по потекло е од Крушево и на 20 години се омажила за Никола и дошла да живее во село Добрушево. Никогаш дотогаш не се занимавала со земјоделство. Но со Никола решиле да продолжат да ги обработуваат нивите како што тоа го правеле родителите на Никола. Покрај тоа што научила речиси сѐ за земјоделското производство, таа уредно се грижи и за целокупната документација, давачки, даноци и сл. Денес имаат 8 хектари обработливо земјиште на кое одгледуваат тутун, пченица, јачмен, пченка, пиперки и други градинарски култури.

За мерката „Рурална жена“ ќе аплицираат за да можат да ја зголемат вредноста на своите градинарски производи, односно да можат да ги преработуваат и да ги складираат па да ги продаваат со подобра цена.
,, Имаме многу пиперки, оваа година собравме 18 тони пиперки и тоа само од 4 декари земја. Нашите пиперки се навистина квалитетни, пред се затоа што никогаш не ги прскаме со хемикалии. Лугето ги бараат, знаат што произведуваме. Пред сѐ тоа го правиме за себе, затоа што тоа е храна и за нашите деца. Она што го продаваме го користиме и за нас – вели Мирјана.
Нивните планови се да го прошират своето земјоделско стопанство. Велат дека прават вкусен ајвар. Само за свои потреби оваа година направиле 60 тегли домашен ајвар. Сакаат да започнат да прават уште поголеми количини па и да го продааат. Да го пакуваат во стаклени тегли, со сопствени етикети на нив, и да го понудат на пазарот.

Сумата од 3000 евра имаат план да ја искористат за купување на машини за преработка на зеленчук поточно за сечкање, мелење, преса за затворање, етикетар и сл.за кои веќе побарале потребна документација и понуда од нивиот долгогодишен соработник ХЕМОМЕТАЛ од Битола. Понатаму сакаат да набават и ладилник за пиперките.
,,Сумата не е голема но доволна е да започнеме нешто со што ќе го унапредиме нашето земјоделско производство. Прво да почнеме па потоа ќе се надградуваме . Таква е оваа наша работа бара трпение и многи труд – вели Никола.

Мирјана и Никола имаат три деца ,Андреј (14), Стефан(16) и Ангела (20). Тие се нивните главни помошници во извршувањето на земјоделските работи. Секако се надеваат дека еден ден ќе продолжат да го развиваат овој семеен бизнис.

Годинава Мирјана Митровка го доби признанието за најуспешна рурална жена за 2021 година од Земјоделското здружение „Современо земјоделство“.

