Најавата на АФПЗРР за повик ИПАРД во декември предизвика огромен интерес за аплицирање и инвестирање преку Мерка 7 – која е популарна поради можноста за инвестиции во рурален туризам но и за поддршка на бизниси во рурална средина.
Од големиот број на јавувања и прашања на читатели на Агротим, ги издвојуваме најчестите ваши дилеми на кои се обидовме да дадеме одговор.
Најчестите прашања за ИПАРД Мерка 7 – одговараме едноставно и директно!
Денешниот ден на Агротим го посветуваме исклучиво на Мерка 7 (за бизнис и туризам на село). Ги издвојуваме најважните прашања за почеток:
1. Што значи Рурално подрачје и каде да видиме дали нашето село е во рамки на ИПАРД?
Рурално подрачје е место со помалку од 30.000 жители – тука спаѓаат речиси сите села и помалите градови во Македонија. Комплетниот список на места кои исполнуваат услови можете веднаш да го проверите во објавата на Агротим.мк.
2. Селото не е урбанизирано, како да извадиме правосилна градежна дозвола?
Правосилната градежна дозвола е основен услов за да можете да аплицирате за градба. Ако селото не е урбанизирано, имате опција самите да го урбанизирате просторот пред да аплицирате, или во спротивно нема да можете да ги користите средствата.
3. Дали сите пари треба да ги вложиме ние или ИПАРД ни ги дава однапред за да почнеме?
ИПАРД функционира како поврат на средства, што значи дека прво мора вие да инвестирате ваши пари. Важно: Не смеете да почнете со градба или купување пред да потпишете договор со Платежната агенција! Сепак, новост во ИПАРД 3 е што сега можете да добиете до 50% авансно од парите кои ги очекувате како грант. Пример: Ако инвестицијата е 100.000 евра, а грантот е 60.000 евра, авансно пред да почнете можете да повлечете до 30.000 евра за да ви се олесни работата.
4. Дали сигурно ќе добиеме грант ако ги исполнуваме условите и аплицираме?
Никој не може да ви гарантира 100% дека сигурно ќе добиете грант. Тоа зависи од буџетот предвиден за таа мерка, од вкупниот интерес и од квалитетот на самите апликации. Конечната одлука ја носи Платежната агенција.
Идеи за Рурален Туризам (Сместување и храна)
Сакам бизнис со туризам на село: Прашања и одговори за Мерка 7
Откако ги појаснивме правилата за парите и дозволите, продолжуваме со прашањата за тоа што всушност може да се изгради со Мерка 7 во делот на туризмот.
1. Сакам да изградам куќа за гости во село, што покрива ИПАРД?
Покрива сè – од прва цигла до мебел. Може да реновирате стара селска куќа, да доградувате или да изградите комплетно нов објект за сместување на туристи (пансион, куќа за гости, апартмани). Парите ги покриваат градежните работи, но и опремувањето со мебел и апарати.
2. Може ли да отворам само етно-ресторан, без да нудам соби за спиење?
Да, може. Мерка 7 поддржува отворање и опремување на угостителски објекти кои нудат традиционална храна и пијалаци во рурални средини, без разлика дали имаат соби за спиење или не.
3. Мора ли да бидам регистриран земјоделец за да отворам ваков туризам?
Не мора да имате нива ниту да бидете земјоделец. Може да аплицирате како физичко лице (обичен граѓанин), со тоа што кога ќе ви го одобрат проектот, ќе мора да регистрирате фирма пред да го потпишете договорот за парите.
Идеи за Дуќани и Бизниси (Алтернативни бизниси)
Занаети и услуги: Што друго може да се отвори во село преку Мерка 7?
За крај на денешниот ден посветен на Мерка 7, одговараме на прашањата кои најмногу ги збунуваат луѓето – дали овие пари се само за туризам или и за други бизниси?
1. Имам занаетчиска работилница (столар/пекар), дали јас можам да барам пари?
Да, сто отсто. Мерка 7 силно го поддржува развојот на занаетчиството на село. Без разлика дали произведувате мебел, имате пекарница, кројачки салон, обработувате метал или правите традиционални сувенири – можете да аплицирате за машини, алати и уредување на погонот.
2. Сакам да отворам автомеханичарски сервис или фризерница во селото, дали има поддршка?
Има. Оваа мерка покрива таканаречени „услуги за руралното население“. Тоа значи дека ИПАРД дава пари за купување опрема и уредување на сервиси за автомобили или земјоделска механизација, фризерски и козметички салони, па дури и за приватни градинки или домови за стари лица лоцирани во селата.
3. Кој е главниот заклучок за Мерка 7?
Мерка 7 е за секој бизнис во село кој не е класично земјоделство (не е за трактори и овоштарници). Ако имате чист плац или објект во рурална средина, со средена документација и градежна дозвола, и сакате таму да развиете бизнис – тогаш Мерка 7 е вашата адреса.
Се надеваме дека ви ги разјаснивме најважните дилеми. Читајте Агротим, информирајте се навреме и подгответе ги вашите проекти паметно!

