Полжавите за јадење се наоѓаат во менито на многу европски земји илјадници години наназад. Франција е прва во светот според количината на одгледување и според потрошувачката на полжави. Причини поради кои треба се започне со одгледување на полжави има неколку: големата побарувачка во Европа за овој специјалитет, малите почетни инвестиции, релативно лесен начи на одгледувањето и др.
Првата фарма за полжави е основана педесет години пред н.е. во Тоскана, недалеку од Рим.

Начини на одгледување на полжавите
Првиот начин на одгледување на полжавите е на отворено. При ваквиот начин на одгледување, целокупниот процес се одвива на отворен простор. Полжавите се сместени во парцели што се затворени со безбедносни огради. Тие се одгледуваат во текот на целата сезона. Овој метод најчесто се применува во Италија. Потребна е минимална инвестиција за жичаната ограда, а добро е да се стави и електрична ограда за да се спречи излегувањето на полжавите.

Во парцелата каде што се одгледуваат полжави, пожелно е да се засадат растенијата кои ќе претставуваат континуиран извор на храна, а тоа може да бидат зелјести растенија, зелена салата, сончоглед и др. Најдобра густина на полжавите при ваквиот начин на одгледување е од 6 до 10 полжави на 1 метар квадратен.
Вториот начин за одгледување на полжави е затворен начин. Тоа значи дека полжавите живеат во затворени простории со контролирани климатски услови. Тие се хранат со специјални концентрати кои се подготвуваат за секоја фаза од развојот на полжавите. Овој метод на одгледување бара големи почетни инвестиции и постојано внимание и човечко присуство. Овој начин најчесто се практикува во Франција.
Комбинираниот метод на одгледување на полжави подразбира одгледување полжави во пластеник или стакленик каде што надворешните температури немаат никакво влијание врз производството. Во стакленикот за младите полжави ќе можат да растат и да се хранат без влијание на неповолните временски услови.

Одгледувачката парцела е целосно покриена со затемнет материјал, давајќи им на полжавите заштита од сонцето, ветер и град, а при тоа треба да се обезбедат и растенија за храна. Овој начин е најдобар за одгледување на полжави.
Комбинираниот начин на одгледување на полжави овозможува размножување и производство на полжавите во текот на целата година. Треба да се напомне дека репродукцијата и одгледувањето на младите се одвива во затворен простор, додека фазата на одгледување се одвива на отворено.
Првиот циклус на одгледување полжави трае година и пол и во тој период нема приход. После две години се гарантира поврат на 70% од вложените средства, а секоја наредна година 100%. Ако се одгледуваат полжави на површина од еден хектар, заработувачката е околу 45 000 евра годишно.
–Почетната инвестиција за фарма од 2000 м2 е од 5 до 6 илјади Евра.
Реалната слика за бизнисот се добива после три години.
Најповолна клима за одгледување полжави е умерена, со температура од 15 до 24˚С како и со висока влажност (75 до 95%). Оптималната температура е 21˚С.
На полжавите особено им е потребна влажна средина, но не и вода. Тие имаат најголема активност во текот на ноќта.
Земјиштето на кое живеат треба да биде со среден квалитет каде што нема многу песок или глина. Најдобро време за собирање полжави е доцна во ноќта или во текот на ноќта, кога тие се активни во потрага по храна.
Извор: Агроклуб
