Во Прилеп, во организација на АГРОТИМ и Асоцијацијата на производители на сончоглед се одржа трибина за договорно производство на сончоглед за сезона 2020.
На трибината беа присутни земјоделци од прилепскиот регион кој традиционално произведуваат сончоглед но и земјоделци кои размислуваат да се приклучат на кампањата поради предностите кои ги нуди договорното производство.

-Дојдовме да слушнеме од директорот на „Благој Ѓорев“ за условите кои ги нуди со договорот и да видиме која ќе биде загарантираната цена на сончогледот. Планираме да засееме поголеми површини затоа што е добро и за нивите, за плодоред на пченицата. Субвенциите се добри, 400 евра од хектар, уште ако цената ни се исплати тогаш има реални шанси да се врати сончогледот на македонските ниви – велат земјоделците.

Директорот на „Благој Ѓорев“, Горанчо Лазов, ја потенцираше важноста од развојот на договорното производство на сончоглед, не само за компанијата туку и за земјоделците и државата.
-Ние имаме капацитет за преработка на 40 000 тони сончоглед. Би сакале да можеме да откупиме барем 10 000 тони домашен сончоглед. Тоа значи намалување на одливот на девизи од државата и ваша сигурност во производството кога однапред ќе знаете дека родот ќе ви биде платен. Минатата година ја почнавме кампањата со поддршка на Владата и имаше ефект, три пати повеќе откупивме сончоглед од лани. Затоа планираме во договорите кои ќе ги склучуваме после Нова година да имаме и гарантирана цена од 280 евра по тон , или цена колку што беше откупната оваа година – 17, 50 денари. Ако цената на берзата биде повисока, што се очекува, тогаш ние ќе ја платиме повисоката цена- им објасни Лазов на земјоделците.

Тој исто така потсети за важноста од здружување на земјоделците и нивно заедничко делување пред институциите за подобрување на состојбата во земјоделството. Тоа го поткрепи со искуството од минатата година кога Асоцијацијата на производители на сончоглед успеа да излобира повисоки субвенции што се покажа како оправдан потег на Владата бидејќи имаше ефект за зголемување на површините под сончоглед.

-Покрај повисоки субвенции и сигурниот откуп важно е да се зголеми и приносот по хектар. Така земјоделците ќе имаат и поголема заработка, а за следната година договараме заеднички со компанијата „Биспромет- Агроцентар“ за помалите земјоделци да немаат дополнителен трошок да го носат сончогледот до Велес, откупот да се врши во Битола. Ние би отварале и други пунктови ако интересот е поголем. Ако можеме да го зголемиме интересот и условите ќе бидат подобри. Ние сме сериозна фирма и се што сме се договориле до сега исполнивме. Затоа се обидуваме и преку АГРОТИМ да допреме до земјоделците – изјави Лазов.

-Идејата за откупен центар во Битола ја имавме одамна бидејќи увидовме дека во алката производители – преработувачи недостига елементот на здружување и намалување на трошоците на условно помалите земјоделски производители. Во овој проект на Договорно производство на сончоглед, ние како „Биспромет – Агроцентар“ сме снабдувачи на семенски материјал. Ќе им дадеме на земјоделските производители семе и други репроматеријали на одложено плаќање. Кога ќе ги земат парите од сончогледот тогаш ќе ни платат. Нашите семиња се висококвалитетни, од познати еропски и светски семенарски куќи , докажани во светот кои гарантираат висок и квалитетен принос. Особено е важно што сортите се прилагодени на нашите климатски и почвени услови со цел земјоделците да добијат висок принос и да заработат од производството- вели Никола Ѓероски, директор на „Биспромет Агроцентар“.

Земјоделците од прилепско побараа од откупувачот „Благој Ѓорев“, доколку има можност да обезбеди ваква поволност со откупен центар и во Прилеп за оние земјоделци кои сеат на помали површини.

На трибината во Прилеп земјоделците имаа можност да слушнат и други информации и новитети околу семенскиот материјал од фирмата Ferti crop, а претставникот од СН Осигурителен брокер ја потенцираа важноста на земјоделското осигурување со можноста која ја нуди државата субвенционирајќи ја осигурителната полиса со 60%.
Кампањата за договорното производство на сончоглед ќе продолжи со трибина во Куманово.

