Измените на рокот на траење се дел од големата реформа на системот за означување на храната во ЕУ, која произлегува од стратегијата „Од поле до маса“, за која е задолжена хрватската европратеничка Билјана Борзан.
Она што следи е промена во системот за означување на храната во Европската Унија, вклучувајќи ги и ознаките за рокот на траење. Според хрватската европратеничка Билјана Борзан, неодамнешното истражување за причините и количините на фрлената храна потврдило дека голем дел од граѓаните не ги разбираат ознаките за рокот на траење на храната, што е една од главните причини за огромни количини фрлена храна во Европа.
-Половина од граѓаните на ЕУ не ја разбираат разликата помеѓу „употребливо до“ и „најдобро е да се употреби до“, а хрватското истражување покажа дека четвртина од испитаниците ја фрлаат храната веднаш по вториот рок, иако сѐ уште е безбедна да се јаде – рече Борзан.
Таа објасни дека „најдобро е да се употреби до“ значи дека производителот тврди дека производот е со највисок квалитет до тој ден, на пример, дека ја задржува оптималната крцкавост и боја, а може да се јаде долго после истекот на тој рок.
„Затоа оваа година иницираме промени на овие ознаки, за да го подобриме нивното разбирање и да го намалиме фрлањето храна“.
Дополнително, доаѓаат значајни ноини во однос на означување на потеклото и составот на прехранбените производи.
Кои се предлозите?
Европската комисија ќе предложи нов систем до крајот на 2022 година, а сѐ уште не се знае како ќе изгледа, иако однапред се разговара за неколку опции.
„Се разгледуваат неколку опции, на пример, да се стават истовремено двете ознаки, така што „употребливо до“ ќе им кажува на граѓаните до кога храната е безбедна за јадење, а и „најдобро е да се употреби до“ до кога храната го задржува оптималниот квалитет“, објаснува Борзан. Како што вели, има и идеја целосно да се укине „најдобро е да се употреби до“, да се остави само рокот до кога храната е безбедна за јадење, пренесува Agroklub.
Таа додава дека во Шведска и Норвешка експериментално ја замениле таа ознака со „најдобар квалитет до“ и „најдобро до, но употребливо потоа“.
„Ако новиот систем го намали отпадот во ЕУ за само неколку проценти, тоа ќе биде стотици илјади тони заштедена храна“, предупреди Борзан.
Северните земји на ЕУ се за поедноставување на системот, додека Италија, на пример, се противи на укинување на етикетата која го означува рокот за оптимален квалитет на храната. Истата поделба постои и во однос на предлогот за проширување на листата многу долготрајни производи, како тестенини, ориз, кафе и чај, кои целосно би биле изземени од означување на рокот на траење.
Сите земји членки на ЕУ до 2030 година треба да ја преполоват количината на фрлена храна.
