Белград ќе биде домаќин утре на 18-от Форум на Енергетската заедница за нафта, на кој ќе учествуваат високи претставници на европските институции, власта, регулатори, енергетски компании и експерти за енергетска безбедност за да разговараат за отпорноста на пазарот на нафта и синџирите на снабдување во тековната енергетска криза.
На форумоит ќе се обидат да одговорат на прашањето како геополитичките тензии и нарушените трговски насоки го менуваат европскиот пазар на нафта, што покажуваат искуствата на Украина и балтичкиот регион за заштитата на критичната енергетска инфраструктура од физички, кибер и хибридни закани, како и како ЕУ и Енергетската заедница можат да ја подобрат координацијата, размената на информации и подготвеноста за кризни ситуации, а воедно да ги зачуваат функционалните пазарни механизми.
Претставници на Европската комисија, Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), национални институции и енергетски компании ќе ги презентираат своите перспективи.
Енергетската заедница е меѓународна организација основана во 2005 година во Виена со цел земјите од Југоисточна Европа и поширокиот регион да го усогласат своето енергетско законодавство со правилата на Европската Унија, да ги интегрираат пазарите на електрична енергија и гас со ЕУ и да ја подобрат енергетската безбедност, конкуренцијата и транзицијата кон чиста енергија. Земјите-членки се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија, Молдавија и Украина.
МИА
