Во Србија оваа година, приносот од багремовиот, липовиот и ливадскиот мед ќе биде 70 до 75 проценти помал од просечниот. Некои пчелари воопшто нема да го имаат поради климатските промени, честите дождови и студените ноќи за време на цветањето на растенијата, бидејќи тогаш пчелите не можат да собираат нектар. Поради тоа, цената на медот се зголеми за повеќе од 100 проценти, од 6-7 евра на повеќе од 15 евра за килограм.
Приносот нема да се намали само кај сончогледовиот мед, кој е со ист квалитет како и багремовиот, но потрошувачите не сакаат да го купуваат. Пчеларите велат дека приносот можел да биде подобар доколку ги селеле кошниците на територии каде што имало подобри услови за собирање нектар, но трошоците биле високи и малкумина од нив го практикувале тоа.
Сепак, оваа година Србија ќе продаде помала количина мед, претежно багремов, на странскиот пазар, главно во ЕУ, која е најголем потрошувач, но имало интерес и од кинеските трговци да го увезат во Кина.
-Имавме интерес и од Кина. Кинезите се во голем развој, имаат голем број милијардери кои сакаат квалитетно да се хранат и бараат квалитетна храна на сите меридијани. Дојдоа две компании, но ние не се согласивме, што не значи дека во иднина нема да се согласиме, бидејќи Србија реално може да извезува мед во Кина, иако Кина е голем извозник – вели претседателот на Асоцијацијата на пчеларски организации на Србија, Родољуб Живадиновиќ.
Оваа година во Србија беше уапсен првиот фалсификатор на мед и беа пријавени десетици сомнителни производители, многу од нив особено во времето на недостаток на мед. Се проценува дека, покрај тоа што на потрошувачите им понудиле производ со низок квалитет, затаиле данок од околу 500.000 евра.
-Потребни се уште посилни активности и постојан надзор на пазарот и примена на казнени мерки. Најголемиот проблем на Србија е што не постојат добри казнени мерки како во ЕУ, па фалсификаторите ја плаќаат казната и продолжуваат, поради што побаравме да се донесе закон како во ЕУ – забележува Живадиновиќ.
Во 2020 година, Србија постигна досега најголем девизен прилив од извоз на мед, 15,1 милиони американски долари, со продажба на 2.701 тони мед, а најголема количина мед беше извезена во 2013 година, околу 3.300 тони.
