Алармантна ситуација на прекумерна сеча на дрвја во месноста Широки Дол во атарот на беровското село Владимирово. Мештани информираат дека појавата е најизразена под врвот на планината Готен, каде што се исечени буки стари над 150 години.
„Овој дел, поточно на 5 километри пред Широки Дол го красеше прекрасна бука, стара повеќе од 150 години, каде што сите луѓе поминуваа и застануваа, некои да одморат, да каснат нешто и да наполнат вода од блискиот извор кој се наоѓа под самата бука во месноста Кушово Кладенче. Сега белегот на овој дел, поточно буката е исечена, а целото место е опустошено и огрозено“, информираат локални жители.
Реагираат на екипите кои според нив не се од Малешевијата и сечат шума на ова место каде што на секои 15 минути паѓаат буки.
„Секој ја знаеше оваа прекрасна бука, и ловџии, и планинати, и сточари, за кои дрвото беше симбол слично како Мекиците на Стража по патот накај Охрид“, велат жителите.
Случајот е пријавен кај надлежните од каде што се очекува да се испита ситуацијата и да се казнат сторителите.
МИА
