Скопјанецот Драган Ѓоргиевски пред 25 години, додека живеел во населбата Аеродром барал некое хоби со кое ќе го пополни слободно време и ќе му го направи животот поинтересен.
Пчеларството дошло случајно, кога од пријател добил на подарок три пчелни семејства и со тоа одлуката да се занимава со пчеларење била донесена.
-Почетокот ми беше многу тежок. Имав периоди кога сакав да се откажам и да го оставам пчеларството, но мојата голема желба сепак беше посилна од тоа. Почнав со едноставни три пчелни семејства кои ми беа подарени од еден мој пријател, тоа беше почетокот. Проблемите одма се појавија. Откако почнав да работам со пчелите, открив дека сум алергичен на пчелен отров…да не должам, завршив во Државна Болница и требаше да примам вакцини 2 години. Додека траеше имунизацијата пчелите не ги оставив, напротив работев иако ми беше сугерирано да се откажам. Желбата ми беше голема, едноставно ги засакав пчелите. Од тогаш до ден денес живеам со пчелите и за пчелите – вели Ѓорѓиевски.
На почетокот работел сам со сопругата а покасно му се приклучиле и синовите.
-Сега ова е наш семеен бизнис. Од почетокот работев сам со мојата сопруга, а како што растеа двата сина, тие паралелно се вклучуваа во пчеларењето – вели тој и раскажува за најголемиот проблем кој го имал на почетокот околу парцелата за пчеларникот.
Околу пчеларникот беа вистински патешествија. На почетокот ги носев кај роднина што имаше запуштени ниви, ама тоа траеше кратко време па морав да ги одселам. Туѓо си е туѓо, кога ќе ти кажат ќе мораш да ги тргнеш. Од тие причини пред неколку години апплицирав за државно земјиште преку јавен оглас на кој конкурирав и ми доделија две парцели. Една парцела во Катланово, друга во С.Дивље. На тие места ги стационирав пчелите – вели Драган и открива што е она што човек го прави успешен пчелар.
-За да бидете успешен пчелар треба да ја сакате природата, да ги сакате пчелите, да ги разбирате, едноставено да ги сакате исто како домашни миленичиња. Пчелата не бара многу работа. Кој е тој пчелар или човек што е повреден или повеќе работи од пчелата? Таа си работи вредно и точно знае што и кога. Пчеларот пред се треба секојдневно да ја посетува и зедно со нив да го прати развојот на растенијата – природата. Тогаш ќе знае што треба да сработи околу нив и за нив. Тогаш и најтешката работа ке му биде лесна – вели Драган.
Го прашуваме што е потребно да се знае или умее во пчеларењето?
За пчелата никогаш не може да се каже дека некој знае што треба и како да работи со нив. Постојано треба едукација дообука и секојдневно учење. Во зависност од временските услови, можностите треба пчеларот да се прилагодува кон пчелата. Мислам дека е тоа дефиниција за успешно пчеларење. Кажувам пчеларење, а не медарење. Медарите неможам да ги наречам колеги затоа што на нив и е главна цел да соберат што повеќе мед и финансиски благодети. Тие во принцип се занимаат многу кратко со пчеларство – вели Драган.
Кога станува збор за пласманот на медот не крие дека е незадоволен од стихијниот пласман односно слабата навика на граѓаните да консумираат мед.
– Медот кај нас во Македонија, на мое разочарување се продава или го купуваме најчесто како лек, кога сме настинати. Тогаш најмногу се бара. Мојот мед, како што се развивам со пчелните семејства така и самите мои познаници сакаат да купуваат од кај мене бидејќи знаат како го произведувам. Знаат и да се налутат доколку не сум зачувал за некого. Има купувачи кој плаќаат и по 10 евра за тегла мед, а има и мои познаници кои што ми помогнале во животот и на кои медот им го давам како подарок – вели Драган.
Токму побарувачката и квалитетот на медот го мотивирале да го прошири пчеларникот и тоа да биде нивен семеен бизнис.
-Видов дека со добра посветена работата со пчеларењето може добро да се заработи. Токму заради тоа решивме да се проширими во пчеларењето и на мое задоволство во тоа се вклучија моите синови Филип и Александар. Младите се нови генерации, следат интернет, ги знаат мерки на Владата. Така покрај редовните субвенции, со нив аплициравме на последниот оглас за неповратни 10 000 евра од мерката „Млад земјоделец“ и токму пред Нова година не информираа дека сме ги исполниле критериумите и дека апликацијата ни е одобрена – се пофали Драган.
Околу криериумите и условите за апликација, вели дека не биле многу строги, едноставна постапка за која им помогнале од МЗШВ а тие ги подготвиле сите потребни документи.
-За оваа државна подршка најпрво благодарност за грижата и за укажаната доверба на Владата. Планираме да го зголемиме пчеларењето со нови 100 пчелни семејства, да отвориме нов пчеларник за да можеме да ги преселуваме пчелните семејства.
Заедно со семејството имам голема желба да отпочнам и со регистрирана паковна линија со различни пчелни производи. За тоа потребни се средства и помош од државата. Тоа ми е голема желба да го заокружам целиот процес на пчеларењето. Од цвет преку пчела, преку моето пчеларење во маркетите ширум земјата. Да допринесам со моите активности во пчеларењето медот да го купуваме како храна а не како лек. Медот од цвет до маркет. Тоа е мојата желба – завршува со својата приказна Драган Ѓорѓиевски.