Откако во ноември цените на житарките драстично пораснаа, според извештајот на ФАО за 3,1 отсто во однос на октомври и дури 23,2 отсто во однос на истиот период лани, во првата недела од декември е забележан нивен пад. Имено, пред десет дена цената на пченицата беше над 300 евра за тон, така што оваа недела на европскиот фјучерс пазар таа ќе падне во просек на 280 евра/т. Пад на вредноста бележат и пченката, маслодајната репка и јачменот.
Кои се причините за пониските цени?
Покрај падот на цената на суровата нафта и ситуацијата поврзана со пандемијата на вирусот ковид-19, причина е и рекордната жетва на пченица, јачмен и маслодајна репка во Австралија, коментира д-р Олаф Зинке за Агрархеуте. Австралиската влада ја коригираше проценката на жетвата на рекордни вредности. За пченица на 34,4 милиони тони, јачмен 13,3 милиони тони и репка 5,7 милиони тони. Европската компанија за анализа на пазарот, „Агрител“, во соопштението пишува дека врнежите влијаеле на жетвата, но сè уште не е познато како тоа ќе влијае на квалитетот.
Причините поради кои цените на житарките паднаа во Европа се слични на оние поради кои паднаа на американските берзи. Таму таквиот тренд го предводат пченицата (-4%), пченката (-2,3%) и сојата (-1,8%), на што влијаеше и позитивната прогноза за американската зимска пченица, според која 44 отсто од залихите се во добра до многу добра состојба.
Повеќето аналитичари се согласуваат дека ваквата состојба првенствено се должи на макроекономските фактори, односно на падот на цените на суровата нафта и другите суровини, што беше под влијание на појавата на нова варијанта на коронавирусот Омикрон и сомневањата за ефективноста на вакцинацијата.
Пазарниот аналитичар Џек Сковил истакна дека пониските цени би можеле да ја зголемат извозната побарувачка за овие стоки и дека сè може наскоро да се стабилизира.
Интересно, по првиот пад на цените, најголемиот светски увозник на пченица, Египет купил 600.000 тони романска, руска и украинска пченица.
Моменталната состојба е дека оваа недела на европскиот пазар се тргува 279,50 евра за тон пченица, што е за околу 20 евра помалку од крајот на претходната недела и за 32 евра помалку од пикот од 312 евра.
Кога станува збор за проекцијата на годинашното глобално производство на житарки, ФАО во својот извештај од четврток, 2 декември, благо го намали на 2,791 милијарди тони, што сепак би било рекорд и пораст од 0,7 отсто во однос на минатата година, посочуваат.
Дали во сезоната 2021/22 ќе се зголеми потрошувачката на житарки?
Производството на ориз и житарки кои се користат во исхраната на луѓето и животните, како пченката, се очекува да се зголеми за 1,4 отсто, а оризот за 0,9 отсто.
За пченицата, проценките се намалени за еден процент, на 770 милиони тони, поради индициите за неочекувано пониски приноси во Бразил и Велика Британија.
Потрошувачката на житарки во сезоната 2021/2022 би требало да се зголеми за 1,7 отсто, на 2,81 милијарди тони, а залихите на крајот на сезоната би требало да бидат помали за 0,7 отсто отколку на почетокот и да паднат на 822 милиони тони.
Трговијата со жито се очекува да порасне за 0,7 проценти оваа сезона, на 480 милиони тони, проценува агенцијата на ОН, додавајќи дека очекуваниот раст од 2,2 отсто во трговијата со пченица треба да ги компензира изгледите за пад на трговијата со житарките, како што е пченката.
Извор: agroklub.com
