Градот Виена, кој располага со 2.000 хектари обработливо земјиште и лозови насади, е еден од најголемите органски производители во Австрија.
Градските производи во иднина ќе бидат групирани под новиот бренд „Виенски вкус“ (Wiener Gusto) и ќе имаат за цел да ги поттикнат граѓаните да купуваат виенски органски производи.
Сите производи се 100 проценти органски и локално произведени, а кратките транспортни рути придонесуваат за заштита на климата и обезбедуваат сигурност во снабдувањето. Досега бербата од градските имоти се продавала на големо, но отсега ќе биде насочена кон новиот бренд.
Понудата ќе започне со пченично брашно, потоа леќа, компир, ‘ржано брашно, ленено масло, леблебија и дивеч. Се планира во наредните години да се прошири понудата и да се додадат сончогледово масло, сокови, јаболковина, тофу, масло од див лен и производи од слободното одгледување свињи и говеда.
Градските имоти со години се обработуваат на органски начин, што ја поттикнува биолошката разновидност на флората и фауната. Благодарение на ѓубрењето исклучиво со компост, се создава хумус и се поддржуваат природните животни процеси во почвата.
