Со неодамнешното усвојување на стратегијата на ЕУ „Од поле до маса“, органски произведената храна добива сè поголемо значење. Станува збор за пакет од 27 законски предлози и политики, кои ќе ги променат начините на производство и консумирање храна во Европа во следните десет години. Стратегијата предвидува дека до 2030 година употребата на пестициди и антибиотици во земјоделството ќе се намали за 50 отсто, а на вештачките ѓубрива за 20 отсто.
Една од главните цели е дотогаш учеството на органското производство во вкупното искористување на земјоделското земјиште во ЕУ да достигне 25 проценти. Земјите членки на ЕУ се охрабруваат да подготват национални планови за органско земјоделство.
Србија и органското производство
Откога ги имплементирала европските регулативи во органското производство, Србија го зголемила извозот седум пати, а најголем интерес за овие производи има во Скандинавија и Западна Европа.
Според податоците на Министерството за земјоделство на Србија, површината на насади со органска храна во Србија во 2020 година и покрај пандемијата е зголемена за 800 хектари. Во моментов има околу 7.000 производители на органска храна, а производството е распространето на вкупно 24.000 хектари. Извозот на органска храна од Србија лани изнесувал 37,5 милиони евра, што е за 30 отсто повеќе од 2019 година.
Ивана Симиќ од Националната асоцијација за органско производство „Србија Органика“, смета дека новата стратегија на ЕУ е добра кога се во прашање насоките, но е премногу напорна и веројатно тешко остварлива за локалните производители во однос на процентуалниот пораст на површините под органско производство.
-Што се однесува до Србија, во моментов сме на околу 0,60 отсто, во однос на вкупната обработлива површина, со сите во периодот на пренамена. Добро и реално би било до 2030 година да ги зголемиме на 10 отсто, бидејќи навистина имаме ресурси и можеме многу брзо да конвертираме големи површини – изјави Симиќ и додаде дека за да се постигне таа цел е неопходно здружување, посветеност на сите во органскиот сектор, но и силна државна поддршка на сите нивоа.
Таа изјави дека потенцијалот на Србија е што последните години се зголемуваат групите производители во системот за групна сертификација. Сè повеќе се развива и мрежата на консултанти во руралните региони. Најголем потенцијал има Источна и Јужна Србија, кои, како што вели Ивана Симиќ, се „од Бога дадени за органско производство“.
Таа напомена дека можноста е токму во групното производство. Европската Унија воведува групна сертификација, која не беше дел од нивните прописи, со нови прописи, кои ќе стапат во сила на 1 јануари 2022 година.
-Ние веќе го имаме тоа и тоа беше нашата неусогласеност на прописите со оние во ЕУ. Сега нема да биде така. Нема да мораме да учиме од почеток како што ќе мораат земјите членки. Нашиот систем е веќе развиен, функционира неколку децении и тоа ни дава компаративна предност – вели таа.
Сепак, Комитетот за земјоделство и рурален развој на ЕУ неодамна предупреди дека оддалечувањето од конвенционалното производство носи ризик од поскапување на храната, во услови кога цените на житарките и готовите производи уриваат рекорди.
Симиќ смета дека апсолутно постои отпор од конвенционалните производители на меѓународно ниво и дека тие биле главните поборници да не се усвои стратегијата „Од поле до маса“.
Таа изјави дека во Србија сè уште нема доволно свест за потребата од поголема потрошувачка на органска храна, делумно и поради финансиската состојба. Сепак, додава, има многу силен показател кој покажува дека во 2020 година, и покрај сите ограничувања, побарувачката за органски производи се зголемила секаде, па и во Србија.
Извор: politika.rs
