
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешното отворање на манифестацијата „Денови на македонскиот мед“ порача дека посакува уште многу настани кои ќе ги промовираат македонските производи.
-Горди сме што оваа година достигнавме рекорд на поддршка на бројни манифестации кои се одржуваат и тука во Скопје и ширум целата држава, а кои ја промовираат органската храна, биохрана, еколошката македонска храна, медот, останатите наши убави производи – 47 рекордни манифестации се одржуваат оваа година. Рекордите ги поставуваме и во меѓународното промовирање на нашите производи, затоа голем број на здруженијата, како здружение „Матица“ и многу други економско-социјални партнери на Министерството даваат поддршка, односно учествуваат и ги промовираат овие производи, рече Николовски.
Тој за во понеделник ги повика пчеларите на подсекторска група, за како што рече, да ги дефинираат новите правила, новите модели, промените во субвенционирањето, но и за тоа како да го подобрат целокупниот сектор и како да имаат подобра финансиска поддршка до вистинските пчелари, до вистинските производители.
-Во 2018 година како држава дадовме поддршка на Република Словенија да се прогласи Меѓународен ден на пчелата. Меѓународниот ден на пчелата беше прогласен на 19. Мај, на ниво на Обединети Нации, и токму тоа говори за важноста и значењето на оваа сточарска гранка, но и за поддршката која ја има од институциите.

Претседателот на пчеларското здружение „Матица“, Венче Билболовски денеска по повод отворање на манифестацијата, посочи дека истата е од особена важност за едукација на посетителите, како да го препознаат вистинскиот мед од како што рече, „наплив“ на се поголем број фалсификати.
-За жал кај нас Медот повеќе се користи како лек, отколку како храна. Живееме во време кога напнатоста и стресот се општо прифатени како начин на живот. За жал денес постојат голем број вируси, алергии, болести кои пред стотина години не постоеле. Дел од нив се поради неправилната и вештачка исхрана. Единствениот начин на кој луѓето можат да живеат во склад со приридата е да ја почитуваат, да не ја загадуваат, да ги заштитат животните и инсектите, растенијата, зашто само таква природа може да ни обезбеди здрав живот со сите благодети, рече Билболовски.

Според Билболовски, еден од тие дарови на природата е медот, кој претставува единствена природна суспстанца која уште од давнина е сметана за храна и лек.
-На нас пчеларите ни останува да ја вратиме довербата кај потрошувачите, а тоа може да го направиме преку правилна едукација и поддршка од Агенцијата за храна и ветеринарство, Инспекторатрот, Министерство за земјоделство. Ги повикувам надлежните заедно со нас да помогнат да ја спречиме нелегалната трговија со Медот и фалсификатите, додаде Билболовски.

Напишете коментар