Во центарот на Скопје од денеска 22 септември, до недела, 25 септември, се одржува традиционалната манифестација Денови на македонскиот мед.
На улица „Македонија“ е раздвижено, а на тезгите можат да се забележат купувачи кои освен што купуваат мед и други пчелни производи, разговараат со производителите кои им даваат информации за видот на медот, неговиот квалитет и други информации што ги интересираат.

И екипата на Агротим поразговара со дел од производителите на мед и други пчелни производи. Со оглед на тоа што последниве денови се ширеа гласини дека ќе има поскапување на медот и дека тој може да достигне и цена од 900 денари, разговаравме со пчеларите околу ваквата можност.

„Зголемување на цената сега засега не е планирано, евентуално можеби после Нова година, кога повторно ќе треба да ја разгледаме ситуацијата и да видиме каква ќе биде состојбата“ – ни рече пчеларот Даниел од Радовиш.

„Сега засега цената на медот нема да се зголемува, бидејќи ги следиме реалните можности на граѓаните. Не е пентата да ставиме цена 1000 денари за тегла мед а да ги изгубиме купувачите.“, вели пчеларот Бојан.

Разговаравме со производителите за тоа каков е интересот за купување мед и дали Македонците се народ кој има навика да консумира мед.
„Дел од народот веќе со години е навикнат да консумира мед и да ги користи бенефитите за здравјето. Но за дел од граѓаните и оваа цена не е прифатлива, викаат дека е прескапо, а не се свесни дека медот ќе го платат 600-700 денари, ќе го јадат цел месец и благотворно ќе влијае на нивното здравје, а истите пари ги трошат за 4-5 дена за цигари и не им е скапо.“

Пчеларите не се многу задоволни од оваа година, поради временските услови но сепак велат дека имало и полоши години.
„Оваа не беше баш добра година за пчеларството, поради лошите временски услови, пролетта беше добра, ама во текот на летото многу медоносни растенија не замедија и не извадивме многу мед, ама имало и полоши години.
Кога ќе се погоди една добра година, може да се извадат следните 10 неповолни години, така што сме оптимисти дека ќе дојде наскоро и таква година.“, ни рече Христијан.

Сепак, задоволни се од интересот на граѓаните.
„Има заинтересираност и интерес од страна на купувачите. Јас веќе 18 години доаѓам на оваа манифестација и имам постојани купувачи кои се задоволни од квалитетот на мојот мед.“

Цени на медот и на другите пчелни производи:
ливадски – 600 денари
мед од костен – 700 денари
саќе – 700 денари
перга – 250 денари
полен – 1500 денари
сиров прополис – 600 денари 10 грама
матичен млеч – 1500 денари 10 грама

Манифестацијата се одржува 18. година по ред, во организација на пчеларското здружение „Матица“.
Посетителите имаат можност да дегустираат и да купат различни видови мед и други пчелни производи од македонски пчелари, а можат да добијат и совети како да се препознае квалитетен, вистински мед.
