Недостигот од сезонска работна сила е еден од најголемите предизвици со кои се соочува македонското земјоделство. Истовремено, голем дел од овие ангажмани со години се одвиваа неформално, без соодветна заштита за работниците и без правна сигурност за земјоделците. Новиот Закон за работно ангажирање на лица нуди решение токму за овие предизвици. Во разговор со Александра Караевска-Димовска, советник во Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и член на тимот кој работеше на подготовката и имплементацијата на законот, разговараме за тоа како новите законски решенија ќе го олеснат ангажирањето сезонски работници и што ќе значат за развојот на земјоделскиот сектор.

1. Земјоделството со години се соочува со недостиг на сезонски работници, особено во периодите на берба. Како Законот за работно ангажирање одговара на овој предизвик?
Земјоделството е една од дејностите каде потребата од работна сила е најизразена, но истовремено и најдинамична. Во одредени периоди од годината, како што се сеидбата, бербата или жетвата, потребни се поголем број работници за релативно краток временски период. Досега, овие ангажмани најчесто се одвиваа неформално, бидејќи постојните законски решенија не беа прилагодени на ваков тип работа.
Со Законот за работно ангажирање се создава едноставен и флексибилен модел кој им овозможува на земјоделците брзо да ангажираат сезонски работници, а притоа работниците да бидат законски пријавени и соодветно заштитени. Законот е резултат на повеќегодишна развојна соработка во рамките на проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во Северна Македонија“, финансиски поддржан од Сојузна Република Германија, а спроведуван од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и од Центарот за истражување и креирање политики.
2. Законот предвидува подолг период на ангажирање за одредени земјоделски работи. Зошто беше воведено ова решение?
При подготовката на законот се анализираа реалните потреби на земјоделскиот сектор. Одредени култури бараат ангажман што трае неколку месеци, а не само неколку недели.
Поради тоа, за работите поврзани со земјоделската дејност е предвидена можност работодавачот да ангажира работници до 180 дена во текот на календарската година. Ова решение ја следи динамиката на земјоделското производство и обезбедува поголема предвидливост за производителите.
3. Кој може да користи ваков начин на ангажирање во земјоделството? Дали законот се однесува само на регистрирани земјоделци?
Не. Законот е поставен многу пошироко.
Освен лицата кои се регистрирани вршители на земјоделска дејност, работно ангажирање можат да користат и физички лица кои обработуваат земјоделско земјиште за сопствени потреби или за потребите на своето домаќинство.
Со тоа се опфатени и голем број семејни земјоделски стопанства кои досега немаа соодветен механизам за легално ангажирање сезонски работници.

4. Во пракса, многу земјоделци велат дека административните процедури им одземаат време токму кога имаат најмногу работа. Како новиот систем го олеснува процесот?
Една од главните цели беше да се намали административниот товар.
Пријавувањето и одјавувањето се вршат електронски преку платформата на Агенцијата за вработување, без сложени процедури и непотребна документација. Работодавачот може брзо да го евидентира ангажманот, а системот автоматски ги поврзува институциите задолжени за пресметка на данокот и придонесите.
На тој начин, земјоделците можат да се фокусираат на производството, наместо на административните обврски.
5. Голем дел од сезонските работници се пензионери, студенти или лица кои веќе имаат работа. Дали и тие можат да бидат ангажирани?
Да. Една од предностите на законот е што овозможува значително поширок круг лица да бидат работно ангажирани.
Освен невработени лица, тоа можат да бидат и студенти, пензионери, самовработени лица, лица кои веќе се во работен однос кај друг работодавач, како и корисници на одредени социјални права, согласно условите предвидени со законот.
Со ова се проширува базата на достапна работна сила, што е особено важно во периодите кога побарувачката е најголема.
6. Една од најголемите грижи кај сезонската работа е што се случува доколку работникот се повреди. Какво решение нуди Законот?
Токму ова беше една од причините за носење на законот.
Со законски пријавен работен ангажман, работникот добива осигурување во случај на повреда при работа или професионално заболување. Покрај тоа, работодавачот е должен да го запознае работникот со условите за работа и со можните ризици, како и да обезбеди безбедни услови за извршување на работните задачи.
На овој начин се обезбедува значително повисоко ниво на заштита отколку кај неформалното ангажирање.
7. Какви ефекти очекувате Законот да има врз земјоделскиот сектор во наредните години?
Очекуваме повеќе позитивни ефекти.
Пред сè, поголем број сезонски работници ќе бидат ангажирани легално, што ќе придонесе кон намалување на неформалната економија. Истовремено, земјоделците ќе добијат поедноставен начин за обезбедување работна сила токму кога им е најпотребна, а работниците ќе имаат поголема сигурност, заштита и социјални права.
Нашата цел е Законот да стане практична алатка која ќе го олесни секојдневното функционирање на земјоделскиот сектор и ќе создаде пофер услови за сите учесници во процесот.
