Изградба на Земјоделско-прехранбена платформа во Скопје, откупни и дистрибутивни центри во Струмица и Ресен, зголемување на пристапот до советодавни услуги, се дел од проектите за модернизација на земјоделството што денеска ги најави министерот Арјанит Хоџа, а кои треба да се реализираат со 32 милиони евра заем, кој Светската банка ѝ го одобри на нашата држава.
„Ова е проект од огромно значење за нашата држава. Ја користам приликава да изразам голема благодарност до Светска банка за одобрување на заемот за финансирање на проектот, кој е со вкупна вредност од 46 милиони евра. Проектот предвидува неколку компонентни, од која најзначајна за земјоделците е промовирање на конкурентноста во земјоделскиот секор со вкупна вредност од 32 милиони евра, кој опфаќа изградба на Земјоделско-прехранбена платформа во Скопје, откупни и дистрибутивни центри во Струмица и Ресен, како и зголемување на пристапот до советодавни услуги“, рече министерот Хоџа.
Како што нагласи Хоџа, Земјоделско-прехранбена платформа во Скопје ќе ги покрие и Кумановскиот и Полошкиот регион, а меѓу другото ќе содржи откупно-дистрибутивен центар, современи суви магацини, ладилници со перформанси кои досега не постоеле во нашата држава, како и посебен технички центар, кој ќе содржи станица за чистење и дезинфекција на камиони, станица за рециклирање на отпад…. Планирано е да се изгради и фабрика за нус производи од животинско потекло.
„Со проектите ќе се решат многу сегашни проблеми, како што е подобрување на снабдувањето со безбедни и стандардизирани производи, ќе се надмине проблемот со складирање на производите, што ќе придонесе за стандардизација на производството. Од овој проект најголема придобивка ќе имаат земјоделците, бидеќи остваруваме нешто што одамна му беше потребно на нашето земјоделство“, нагласи Хоџа.
