Кампања за промоција на македонскиот рубин во европски и светски рамки, најави денеска министерката за енергетика, Сања Божиновска, откако на брифинг со новинарите соопшти дека овој наш, уникатен полускапоцен камен е и официјално заштитен.
Како што рече Божиновска, предвидено е да се заштитат и одредени видови мермер, за што допрва ќе се разговара со Геолошкиот завод и Секторот за минерални суровини и геологија.

-Денеска добивме добра вест, македонскиот рубин е конечно заштитен. Македонија го заштити македонскиот рубин. Од денеска имаме бренд и ќе правиме кампања за да дознаат и Европа и светот дека и ние имаме со што да се пофалиме. Македонскиот рубин е единствен рубин во Европа. Планираме заштита и на мермерите, но понатаму ќе видиме со Геолошкиот завод и со Секторот за минерални суровини и геологија што се може да заштитиме. Како држава мора да водиме грижа за се што поседуваме, истакна Божиновска, додавајќи дека јавноста ќе биде навреме информирана за натамошните активности за промоција на македонскиот рубин.
Според решението од Државниот завод за индустриска сопственост, се заштитува географскиот назив „Македонски рубин“ со географска ознака за производот полускапоцен камен рубин кој потекнува од поширокото прилепско подрачје во рамките на Пелагонискиот масив.
Рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розова боја, што се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура. Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнена Европа што се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, македонскиот рубин претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и национална гордост.
Активностите за заштита на македонскиот рубин почнаа во септември 2025 година.
МИА
