Петнаесет милиони евра е новата инвестиција на компанијата „Пурпласт“ во ТИРЗ 2 во Скопје со која ќе се отворат до 200 нови работни места. За оваа инвестиција денеска беше остварена средба меѓу директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Гоце Димовски и извршниот директор на Пурпласт, Мехмет Шишманоглу.
Димовски оценил дека новата инвестиција претставува значаен чекор во понатамошниот развој на компанијата и дека таа е уште една потврда за довербата на инвеститорите во условите што ги нудат технолошко индустриските развојни зони. Посочил дека вложувањето и проширувањето на компании кои веќе работат во рамки на зоните е најдобар показател за стабилноста на деловното окружување и конкурентноста на државата како инвестициска дестинација.
Од страна на менаџментот на Пурпласт била изразена благодарност за досегашната поддршка и соработка со Дирекцијата за ТИРЗ, при што е истакнато дека новата инвестиција е резултат на позитивните искуства од работењето во зоната и довербата во институциите. Претставниците на компанијата нагласиле дека новата инвестиција ќе овозможи проширување на производствените капацитети, воведување нови производствени линии и отворање до 200 нови работни места, што ќе придонесе за понатамошен раст на компанијата и зајакнување на нејзината позиција на меѓународните пазари.
На средбата биле разгледани и следните чекори за реализација на инвестицискиот проект, како и можностите за натамошно продлабочување на соработката.
МИА
