Европската комисија(ЕК) во Извештајот за Северна Македонија за 2026 година ги издвојува донесувањето на новиот Закон за органско производство, Националниот план за одржлива употреба на пестициди и Националниот план за управување со јагулата како конкретни чекори што придонесуваат кон напредокот во соодветните области.
Во делот за земјоделство и рурален развој, ЕК го нотира продолжувањето на усогласувањето на земјоделската политика со законодавството на Европската Унија и ажурирањето на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021–2027 во февруари годинава. Новиот Закон за органско производство, кој стапи во сила во март 2026 година, е посебно издвоен како придонес кон напредокот во ова поглавје.
Северна Македонија има добро ниво на подготвеност во областите на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, оценува ЕК. Комисијата се осврнува и на започнатите активности за интегрирана заштита од штетници во два пилот-региона, натамошниот развој на фитосанитарниот информациски систем и редовното ажурирање на листата на штетни организми согласно правилата на ЕУ и состојбата во земјата.
ЕК наведува и дека Агенцијата за храна и ветеринарство спроведувала редовни ревизии на лабораториите во ветеринарството и безбедноста на храната, а во повеќето области работела согласно стандардите за управување со квалитет. Комисијата ја одобри националната програма за мониторинг за 2026 година на остатоци од ветеринарни лекови и контаминанти, која опфаќа повеќе категории производи, меѓу кои месо, млеко, јајца и мед. Воедно, во извештајот е констатирана напредна усогласеност на националното законодавство со правилата на ЕУ во областа на благосостојбата на животните.
Во рибарството и аквакултурата, ЕК бележи напредок, посебно преку усвоениот Национален план за управување со јагулата, кој утврдува мерки за нејзино зачувување и намалување на смртноста предизвикана од човечките активности. Нотирани се и продолжувањето на мерките за заштита на чувствителните видови риби, активностите за порибување со охридска пастрмка и зголемените активности за спроведување на прописите во областа на инспекцискиот надзор и контролата.
Во однос на руралниот развој, извештајот посочува на продолжувањето на спроведувањето на ИПАРД III, како и мерките преземени од националните институции, вклучително спроведувањето акциски план за подобрување на реализацијата на програмата.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се фокусира на исполнување на преземените обврски и спроведување на потребните реформи, преку конкретни активности за реализација на препораките од Извештајот и редовно следење на постигнатиот напредок.
МЗШВ

