Раното производство на лубеници и дињи може да се обезбеди и преку калемен расад.
Со калемење на лубеници и дињи на тиква се постигнува поголема бујност на билката поради силниот корен на тиквата која растението го снабдува со храна и вода што обезбедува побрзо зреење на плодовите (за 20-25 дена побрзо) и многу поголем принос. За калемење на лубеници првенствено треба да се користат ситноплодни и рани сорти. При калемењето на дињите се обезбедува рано доспевање и зголемување на приносот како и отпорност на болести.
Лубеницата се калеми на тиквата Lagenaria vulgaris која има бел цвет, четвртасто семе, плод со крушкаст и изразиот долг облик (1-2 м). Дињата може да се калеми на мускатна тиква (Cucurbita moshata), со вкусен и ароматичен плод. Со калемењето, вкусот и бојата на плодот остануваат исти и типични за сортата – дињата има вкус на диња, а лубеницата си го зачувува автентичниот вкус.

Постапката на калемење на лубеницата и диња е ист. Ист ден во заштитениот простор се сеат лубеница, диња и тиква. Најдобро е тиквите да се сејат во саксија, а лубениците и дињите во сандаци. Неколку дена по никнувањето е периодот кога се прави калемењето, односно во фазата на развој на котиледонски ливчиња. Малите изданоци на лубеници и дињи се ставаат во садови со вода на место под сенка.
Техниката на калемење е следна:
-Со остар нож или со жилет на стеблото на тиквата се прави кос рез или со сврдел се прави влдлабнување помеѓу котиледонските ливчиња во должина од 1,5-2 см.
-На дињите и лубениците се прави клинест пресек на стеблото под котиледонските ливчиња за 1,5-2 см.
-Калемот на лубениците и на дињите се поставува во расцепот од тиквата така што котиледонот од лубеницата, односно од дињата се налегнува на котиледонот од тиквата. Споеното место може да се обложи со влажна вата.
-Калемената билка се пренесува во леа или тунел. Во тој заштитен простор, до создавање на калусот мора да се орджува многу релативна влажност на воздухот (90-95%) и температура околу 25°C.
-Првиот ден по калемењето, заштитениот простор се засенчува и постепено растенијата се навикнуваат на сонцето.
-Шест до седум дена после калемењето, калусот е оформен и понатамошната нега за него е вообичаена како и кај нормалниот раст на лубеници и дињи.
