Според пазарната анализа спроведена од холандската инвестициска банка Рабобанк, светските цени на ѓубривата треба да останат ниски до 2024 година, па дури и понатаму, особено за фосфатите и поташата.
Според извештајот што го објавија на 25 мај, причините за ваквиот тренд се поголемата понуда на пазарот од една страна и послабата побарувачка од друга страна, пренесува Agrarheute.
Очекуваат дека на земјоделците ќе им се исплати купувањето, барем до есента 2023 година, а какви ќе бидат цените потоа зависи од глобалната побарувачка. Сметаат дека нивото кое било пред руската инвазија на Украина ќе се достигне дури за две до три години.
Кога станува збор за азотни ѓубрива, Рабобанк потсетува дека тие зависат од флуктуирачките цени на нафтата и гасот. Тие претпоставуваат дека уреата ќе остане на сегашното ниво во текот на 2023 година, а значително ќе се зголеми повторно во 2024 година. Сепак, други истражувања покажуваат дека тоа зависи од тоа дали Русија дополнително ќе ги намали испораките на гас во Европа во текот на годината.
Според овие аналитичари, фосфатните ѓубрива се уште се значително поскапи од долгогодишниот тренд. И покрај послабата побарувачка, цените останаа на повисоки нивоа делумно поради намалениот кинески извоз. Нивната домашна потрошувачка излегува од шпицот на сезоната и се очекува поголем извоз од таа земја на светскиот пазар, а со самото тоа и пад на цените.
Кога станува збор за поташа, побарувачката останува слаба ширум светот. Иако Бразил и Индија купиле поголеми количини во последните месеци, тоа не го спречи глобалниот пад на цените. Понудата е се уште голема, а има знаци дека робата од Белорусија се враќа на светскиот пазар и покрај европските и американските санкции. Доколку продолжи овој тренд, цените на поташата ќе продолжат да паѓаат.
