Задругарството во земјите во Европа, функционира на поинаков начин отколку кај нас. Имено, таму членовите на задругите се фармери, кои се здружиле така што целиот свој имот и го ставиле на располагање на задругата. Тој имот го сочинуваат: обработливо земјоделско земјиште, механизација и опрема, објекти за сместување на стоката, магацини, силоси, транспортни средства и др.
Бројот на членови во ваквите задруги, може да биде ограничен или пак неограничен во зависност од нивните интереси. Бидејќи го здружиле својот имот, како движен така и недвижен, заинтересирани се задругата да биде што е можно попрофитабилна. Од таа причина, во самиот договор кој го потпишуваат при влегуваето во ваквата задруга, ги дефинирале сите делови од договорот до детали за да ги заштитат своите права но и да ги прифатат обврските дефинирани со договорот.
Членовите на задругите на состаноци го бираат и разрешуваат менаџментот, односно директорот, управниот одбор и други тела зависно од потребата. Деловните одлуки ги донесува менаџментот на задругата во договор со членовите на задругата на состаноци, кои се одржуваат во одредени временски интервали.
Ваквиот начин на функционирање на задругите има оправдана цел, а тоа е опстанокот на самата задруга, бидејќи конкуренцијата која владее на пазарот е многу голема. На овој начин земјоделските задруги, стануваат сериозен земјоделски субјект кој има шанси успешно да делува, да се шири и ја зголемува заработката. Заработката остварена на овој начин се дели со членовите на задругата по договор склучен при самото зачленување во неа. Исто така, на менаџментот му се исплаќа и месечна плата.
Заработката која се остварува со делување на задругите се насочува кон нови работи и нови пазари или пак се депонира во деловните банки. Заради зајакнување на конкурентноста, некои задруги се здружуваат со други задруги или други земјоделски субјекти односно трговски синџири и преработувачи, поради поголем профит.
Во некои земји поголемиот број задруги се здружиле по хоризонтала (членовите се занимаваат со иста дејност) или по вертикала(со оние кои се занимаваат со друга дејност), кои исто така прават големи конкурентни системи кои го контролираат поголемиот дел од пазарот. Таквите системи најчесто имаат примарно производство, преработка, транспорт, малопродажба и големо продажба. Во ваквите фирми настанати со здружување на задругите се заработуваат големи пари кои служат за исплата на дивиденда, месечни заработки, а исто така и за нови инвестиции.
Извор: pssrs.net