Семенските бомби, за коие се смета дека потекнуваат од Азија, Јапонија или Тајланд, се користат насекаде низ светот, а најмногу се поврзани со таканареченото герилско градинарство. Нивната подготовка е лесна, како и сеидбата. Не е потребно орање и копање. Семенските бомби даваат можност за сеење цвеќе, но и други растителни видови.
Зимата е идеално годишно време кога можете да ги подготвите и да ги искористите на пролет. Тие претставуваат мешавина од почва, семиња и ѓубрива. Идеални се за сеење празни парцели, големи опустошени површини, пошумување и сеење украсни растенија.
Рецепт за подготовка
За да подготвите семенски бомби ќе ви бидат потребни:
гумени ракавици,
сад за подготовка и
сад за сушење.
Во садот ставете два дела земја (едниот може да го замените со компост), пет дела глина во прав, еден до два дела вода и еден до два дела семе. Измешајте ја почвата и глината и постепено додавајте вода. Количината на вода зависи од моќта на апсорпција. Мешајте додека не добиете маса слична на пластелин во која ги додавате семките кои рамномерно ги распоредувате во масата.
Земете мали парчиња глина и направете топчиња со дијаметар до 3 см. Наредете ги во плех и оставете ги да се исушат на собна температура во наредните два до три дена. Најдобро е да ги чувате во затворени картонски кутии на суво и топло место.
При сеидбата семенските бомби не е потребно да се закопуваат и полеваат, а најдобро е да се сеат на пролет кога е доволно топло, во март и април. За сеидба, изберете го времето пред предвидениот дожд. Ќе биде доволно само да ги спуштите на површината на земјата.
Изборот на семиња е голем, невен, ѕвончиња, јаглики, украсна ајдучка трева, мачја трева…, а можете да користите и семиња од лековити растенија. Изберете ги видовите што ги додавате според времето на сеење.