Полското Министерство за земјоделство предвидува проблеми со вишокот производство на десертни јаболка на домашниот пазар на овошје.
Војната во Украина и забраната на пазарите на Русија и Белорусија предизвикаа проблеми на пазарот на јаболка во Полска, кој голем дел од своето производство го засноваше на извоз во овие земји.
За да го решат проблемот со вишокот десертни јаболка, планираат првично да издвојат од 150 до 200 милиони злоти (32 до 43 милиони евра), пренесува Agroklub.
Вишок од 300 до 500 илјади тони
„Наскоро ќе започне драмата предизвикана од санкциите против Русија и Белорусија, ќе се соочиме со вишок во домашното производство на десертни јаболка во износ од 300 до 500 илјади тони“, изјави Хенрик Ковалчик, министер за земјоделство на Полска на средбата со овоштарите во Земјоделската комора на Подласие.
Се договориле вишокот јаболка да не го собираат и донираат на невладини организации, туку да го насочат на преработка на концентрат.
Договорената сума од 150 до 200 милиони злоти би ги компензирала загубите настанати поради долгото складирање и неможноста за извоз на исток.

Полска е убедливо најголемиот производител на јаболка во Европската Унија. Минатата година произвела 4,17 милиони тони, а по неа е Италија со двојно помала количина од 2 милиони тони. На третото место е Франција со 1,3 милиони тони, а на четврто Германија со производство од еден милион тони.

Според последните податоци на Еуростат, во 2017 година имало 473.500 ха овоштарници со јаболка, а 34 отсто, односно една третина се лоцирани во Полска (160.800 ха).
Кога станува збор за површините, второто и третото место го заземаат Италија (55.800 ха) и Романија (55.100 ха).
