Половина од просечната потрошувачка кошница во Полска, содржи локални органски производи. Ова е само една од практиките што укажуваат на значајната улога на локалното производство во Полска. Сепак, иако постои интерес кај потрошувачите, локалните производители наидуваат на различни проблеми во производствениот процес. Подетално за локалното производство и продажбата во Полска , зборува Војчех Спочински, раководител на одделот за развој на земјоделството во Фондацијата за развојни политики на Полска.
Кога велиме „локални производи“, во Полска се мисли на неколку видови производи и производство. Постојат локални производи и производи од регионот кои имаат сертификати од министерството и тогаш локалното може да се сфати како органско производство, кое е водено од специфични еколошки практики во производствениот процес и е во согласност со прописите на ЕУ. Исто така, локалните производи се производи кои имаат географски ознаки за потекло, но исто така и оние кои немаат сертификати, но сепак успешно се произведуваат на локално ниво, заради изградената доверба меѓу производителите и муштериите.
Кога станува збор за присуството на органски производи на пазарот, податоците покажуваат дека во последните две години побарувачката е зголемена за приближно 20%. Сепак, во споредба со побарувачката во западноевропските земји, резултатот е сè уште неспоредливо помал. Локалните органски производи сочинуваат околу половина од вкупната стока при просечната набавка во Полска. Вредноста на овој пазар во 2020 година е околу 156 милиони евра. Храна за бебиња, јогурт, сокови и вотка се најбараните производи, а со почетокот на пандемијата се зголемува и побарувачка за ориз.
ЕУ има најголема улога во регулирањето на органското производство во Полска. Во следниот период се очекува презентирање на Регулативата 848, објавена во 2018 година, со што ќе се обврзат „трети земји“, како што е на пример Србија, да имаат целосно идентични сертификати за органски производи како во ЕУ. Најавени се дополнителни олеснувања за добивање колективни сертификати во органското производство, наменети за производители кои имаат одреден вид соработка. На пример, на сите производители на брокула кои одгледуваат брокула во истата област ќе им биде многу полесно да го добијат посакуваниот сертификат. Претпоставка е дека ќе има нови регулаторни мерки за случаи на ненамерна контаминација.
Кога зборуваме за рестораните, соработката помеѓу локалните производители и рестораните постои во форма на снабдување на производи, кои во понудата на рестораните се специфично означени како „локални“. Со почетокот на пандемијата и кризата во угостителскиот сектор, нарачката за храна преку Интернет дојде повеќе до израз. Меѓу другото и на локалните производи. При изборот на производи за подготовка на оброци, рестораните обично избираат локален производ кој има сертификат, или според довербата во одреден локален производител. Органски производи ретко се користат, бидејќи набавката е значително поскапа. Таквата соработка е поддржана и од медиумите и има многу кулинарски претстави кои прикажуваат локални производи кои се испорачуваат само врз основа на доверба во производителот.
Во индивидуалните набавки, постојат две најчести практики за купување на локални производи. Првиот е кога потрошувачот оди во продавници или на пазар за органска храна во делот на супермаркетот каде што се изложени само локални органски производи. Тогаш потрошувачите обично купуваат производи со сертификати, бидејќи кредибилитетот им е важен. Сепак, постои еден парадокс во производството на органски производи. Полска е снабдувач на примарни производи во органското производство. Примарниот дел од органското производство потекнува од Полска, но потоа овие производи се извезуваат во Италија или Германија, каде пазарот за органски производи е многу поголем, а производството продолжува таму, а потоа крајниот производ се увезува како производ произведен во друга земја. Околу 70% од производите кои се наоѓаат на биопазарите се увезуваат, но овие производи се главно примарни производи од Полска. Кога станува збор за други практики на потрошувачите, се случува истиот дел од потрошувачите кои купуваат само производи со сертификати во текот на работната недела, да се одлучат за, локалните производи кои немаат сертификати, но веќе се препорачани.
Постои уште еден специфичен начин на деловно работење. Поединци од поголемите градови се организираат во групи со цел заедно да контактираат со локалните производители и да нарачаат одредена количина производи за кои се заинтересирани и тоа уште пред почетокот на сезоната. Во согласност со договорот, производителот им доставува производи во текот на целата сезона.
Постои значителна финансиска поддршка и таа доаѓа најмногу од ЕУ, односно тоа се околу 90% од вкупните пари инвестирани во локалното производство. Овие субвенции вклучуваат пари за иновации, развој на различни елементи во производствениот систем, пари за регионален развој… Кога станува збор за инвестиции што доаѓаат од државниот буџет, тие најмногу се наменети за промоција на производите.
Постојат и здруженија на производители. Ваквиот начин на соработка обично постои со намера производителите заедно да стекнат географска ознака за потеклото. Се случува производителите да решат да соработуваат со цел да добијат сертификат за ЕУ, иако имаат локални сертификати. Некои од најстарите здруженија се организирани за млеко и сирење. Постои и здружение на овчари, а исто така има голема соработка во областа на лековити билки, поради нејзините специфики.
Во овој период, опсегот на производители кои се снабдувачи на примарни производи е намален. Во исто време, имаше раст на компаниите кои се занимаваат со преработка или увоз на органски производи. Друг важен факт е дека Полска е меѓу првите четири европски земји, кога станува збор за земји што се во процес на конверзија со цел да се добијат потребните лиценци. Сепак, ова е само делумна слика за состојбата, бидејќи статистиката опфаќа само сертифицирано органско производство.
Извор:Агромедија.рс
