Илија Јуриќ од хрватското село Велика Косница е избран за најдобар млад земјоделец на Хрватска за 2022 година.
Неговите родители во околината на Велика Горица се скрасиле откако пребегале од Босна и Херцеговина за време на војната и малку по малку ја граделе фармата Јуриќ, која изминатите 19 години станала синоним за иновативни работи од пластеничко производство, садници, цвеќе и зачински билки.
Анте бил првиот во Хрватска кој започнал со производство на стевиа, а токму кога му тргнал бизнисот, ЕУ вовела регулативи со кои се забранува продажба на стевиа во прав како засладувач.

Неговиот син Илија открива дека решил да се пријави на изборот за млад земјоделец за со својот пример на младите да им покаже дека земјоделството не мора нужно да биде врзано за трактори, ораници и за оној класичен поглед на работата и животот на село.
-Работата во земјоделството може да биде интересна, иновативна и различна. Моите родители цел живот се занимаваат со земјоделство како нивна примарна дејност, па јас и моите сестри ги поминувавме деновите во пластеникот и им помагавме уште од мали нозе. Секогаш се сеќавам на летните одмори кои ги поминувавме по пластеници за да „заработиме“ дополнителни пари за летување. Тоа беше ужасно за мене како дете, но сега кога размислувам за тоа, мислам дека е генијално. Така татко ни не научи да ја цениме секоја пара што сами ја заработуваме – вели Илија.
Меѓутоа, Анто не сакал неговите деца да се занимаваат со таа напорна работа која бара многу одрекувања, а на човекот му остава малку слободно време.

-Родителите нè насочуваа кон образованието, па завршив медицинско училиште, а потоа и на Универзитетот за здравство за инженер по медицинска радиологија. Но, љубовта кон земјоделството и желбата да се создаде нешто поинакво беше многу посилна, па наместо бел мантил и болница, избрав чизми и пластеник – објаснува Илија.
-Треба да имаш идеја и секогаш да наоѓаш нешто ново и интересно, нешто што би можело да стане тренд. Нашиот свет сака домашно и ново. Треба да бидете добро информирани што се случува во богатиот свет на билки – ја повторува својата корисна лекција Анто.

Така и Илија пред пет години впловил во светот на цвеќињата што се јадат, микрозеленчуците и разните егзотични билки за ресторани.
-Во понудата имаме повеќе од 30 различни цвеќиња што се јадат и листови кои се користат во храна или во коктели. Одгледуваме разни зачински и лековити растенија кои не се вообичаени, па имаме неколку видови мента, како мента со арома на јагода, јаболко, грејпфрут, банана, чоколадно нане со темни листови и ароми како познатите чоколади after eight, специјална мента за коктели мохито. Имаме и неколку видови босилек, од класичен до неаполски, тајландски со арома на анасон, со арома на цимет и арома на лимон – набројува Илија, пренесува Јутарњи.хр.

На новиот имот во Врбовац семејството Јуриќ подигнува нови пластеници на хектар земја и планираат да инвестираат околу 100.000 евра. Сегашните педесетина деловни партнери од ресторани и барови од месец во месец се зголемуваат и нема дилема дека ќе се зголемуваат, како и количината на билки. Илија се надева дека ќе има доволно локално население за вработување бидејќи ќе има работа.

