ШТО Е ДОГОВОРНО ПРОИЗВОДСТВО?
Договорното производство е најдоброто решение за земјоделските производители, бидејќи имаат сигурен пласман, за преработувачите тоа значи сигурна суровина, а за државата зголемено домашно производство, зголемен извоз и намалување на трговскиот дефицит. Договорното производство може да се дефинира како земјоделско производство водено според договорот помеѓу купувачот и фармерот, односно производителот, преку кој се воспоставуваат одредени услови за производство и продажба на одреден производ или производи.
КОЈ ИМА КОРИСТ ОД ДОГОВОРНОТО ПРОИЗВОДСТВО?
Двете страни вклучени во договорното производство можат да имаат корист. И фармерите и купувачите на производството. Преку договорното производство фармерите имаат загарантиран пазар и намалени ризици околу неизвесноста на продажбата преку договорени цени, а во некои случаи и преку поддршката од купувачот во набавка на репроматеријали, како што се семиња, ѓубрива или заштита, како и советодавни услуги. Откупувачите и преработувачите имаат сигурна домашна суровина која најчесто е поевтина од увозната, како и флексибилност во плаќањето, во зависност од договорот со примарниот земјоделски производител.
ДАЛИ ДОГОВОРНОТО ПРОИЗВОДСТВО ОГРАНИЧУВА КУЛТУРИ?
Економскиот интерес е основниот двигател на договорното производство. Некои култури се применливи за одредено географско подрачје, некои зависат од инволвираноста на откупувачот во процесот, некои се разликуваат по вклученоста на други организации и посредници во процесот. Генерално, нема ограничување кои производи можат да бидат предмет на договорното производство. Најуспешните договорни производства се поврзани со земјоделски производи кои имаат поголема вредност, наменети за преработка во различни видови на храна, а притоа уште се наменети и за извоз.
ПРОИЗВОДСТВО НА ОРГАНСКА ПИПЕРКА
Одгледување на органска пиперка, ајварска пиперка, не е лесна активност во земјоделството. Потребно е претходно познавање, консултација со стручни лица во текот на производството и извршување на сите потребни агротехнички мерки, за да не дојде до забавување на растот на пиперката, со што на крајот од вегетацијата ќе резултира со намалување на приносот. Посебно кога станува збор за органско производство.
Разликата меѓу конвенционално и органско производство е во тоа што во органското производство не се употребуваат хербициди и пестициди и примената на ѓубрива и заштитни средства е контролирана.
При одгледувањето на пиперката Ајварка, како на отворено така и во заштитен простор, во текот на вегетацијата има потреба од низа мерки со цел да се овозможи нормален развој и раст на пиперката.
Подготовката на расад започнува во месец април. Се расадува во месеците мај-јуни. Процедурата е следна:
Најпрво треба да се направи леа, треба да се обележи, израмни, истапка почвата, да се накваси со вода, а исто така и семето треба да биде наквасено со вода барем 30 минути пред сеењето.
Кога расадот ќе постигне висина од 2-3 листа, се третира со органско средство поради развој на коренов систем, здраво стебло, отпорност на болести, заштита од ниски температури, бидејќи во периодот на подготовка на расад често има минусни температури и доцни мразеви.
По 7-12 дена, поради ниски температури и мразеви, се третира повторно. До фаза на расадување, третирањето е препорачливо на секои 7 дена.
Копањето и прашењето на младите растенија се изведува после вкоренувањето,
или 15‐20 дена после расадувањето.
Целта е разровкување на горниот или површински слој, овозможување на подобар
топлотен или воздушен режим, уништување плевели. Се препорачува и машинска обработка, но претходно редовите треба да бидат прецизно одредени.
Една од главните агротехнички мерки при одгледувањето на пиперката е наводнувањето. Повеќето од производителите прават огромни грешки во начинот на одредувањето на времето на наводнување. Препорака е доколку постојат можности, да се изведува преку систем капка по капка. Со задоцнување на наводнувањето или пак прекумерното наводнување, состојбата е доста лоша во развојот на растението, а подоцна и самиот принос и квалитет.
Многу е важно наводнувањето да се врши во раните утрински часови или доцна навечер, бидејќи дневните температури се многу високи и кога водата доаѓа во допир со кореновиот врат, се создаваат услови за појава на паразитски заболувања.
Ѓубрењето е најдобро да се изведе откако претходно ќе се направи агрохемиска анализа на почвата. Најпрво секогаш се додава основно органско ѓубриво со висок процент на хумус и органска материја. Тоа се врши еднаш, пред расадувањето на стеблата.
Расадување се врши на претходно обработена и наѓубрена почва со органско ѓубриво.
Се расадува на 33 см оддалеченост од корен до корен.
По расадувањето, поради сузбивање на стресот на растението од леа во нива, се користи органско средство и се повторува на 10-12 дена.
Кога ќе дојде во фаза на папка, повторно се третира органско средство + прихрана + инсектицид.
Прихранувањето е многу важна агротехничка мерка.
Прихрана се дава фолијарно на секои 10 до 15 дена.
Ако заштитата се изведува под надзор на стручно лице, резултатите се позитивни и видливи. Се препорачува средствата за заштита на пиперката да се користат кога условите во средината се погодни за развој и појава на болести и штетници. За болестите се препорачува да се користи незаразена почва и вода, додека кај вирусите најдобро е после појавата на вирусни вектори и инсекти, да се изврши третирање со инсектициди дозволени во органското производство на база на етерични масла.
Најчести болести на пиперката се полегнување на расадот (Rhizostonija solani, Pythium sp.), пламеница на пиперката (Phytophtora capsici), вертицилиозното венење (Verticillium albo‐atrum).
Најважни штетници на пиперката, се лисните вошки (Myzus persicae, Aphis gosipii), лисните совици (Mamestra brassicae, М. oleraceae) белокрилка, трипс.
ПРОИЗВОДСТВО НА ОРГАНСКИ ПАТЛИЏАН
Патлиџанот (црн, модар патлиџан), припаѓа на фамилијата Solanaceae. Се смета дека потекнува од Индија. Често се одгледува како мек или полутврд годишен плод во подрачја со умерени клими.
Тоа е едногодишно растение со добро развиен коренов систем и со изразен централен корен. Има разгрането стебло со висина од 40 см до 1,5 м. Листовите се крупни, што зависи од бујноста на растението, а цветовите се со виолетова боја со 5 лобуси венчиња и жолти прашници. Од прецветувањето до оплодувањето поминуваат 20 дена, а од никнување до првата берба 120 дена.
Зависно од сортата, плодовите може да бидат со вилетова до нијанса на црна боја, со големина до 30 см со јајцевидна форма, сјајни со мазна површина, со бело месо и месна текстура. Содржи мали меки ситни семиња горчливи по вкус, бидејќи содржат никотиноидни алкалоиди. Плодот се бере во технолошка зрелост.
Старите плодови што се меки и овенати не се за употреба, бидејќи го содржат алкалоидот соланин, кој предизвикува проблеми со варење на храната.
После сеидбата, дневната температура треба да биде меѓу 23 и 25°С, а ноќната да се движи меѓу 16 и 18°С степени. Температурата на почвата треба да биде 20 до 22 °С. патлиџанот се произведува исклучително со расад. Производството на расадот е многу сличен со оној на пиперката, а се расадува кога добро ќе се формираат котиледоните.
Садењето на расадот на постојано место се прави кога ќе поминат 50-60 дена, на растојание од 60 – 70 см х 40 – 50 см, што зависи од бујноста и сортата на модриот патлиџан. Поради тешкото вкоренување, првото окопување се прави после 20 до 30 дена. Во текот на вегетацијата се окопува 2 до 3 пати. До периодот на формирање на плодовите почесто се наводнува, а во фаза на плодоносење на секој 5 до 7 дена, со поголемо количество вода.
Бербата на патлиџанот, без разлика на местото на производство, започнува за 60 до 70 дена. Приносот се движи меѓу 50 и 80 тони по хектар, што зависи од сортата и од должината на вегетацијата и од плодоносењето. Плодовите се чуваат на собна температра од 5 до 7 дена, а на температура од 5°С издржуваат и неколку недели. Различни сорти од растението произведуваат плодови со различна големина, облик и боја. Се разликуваат повеќе сорти од патлиџанот без карактеристична горчина.
ПРОИЗВОДСТВО НА ОРГАНСКИ ЛУК
Лук или Allium sativum L., е вид на растение во фамилијата Лукови.
Одгледувањето на лукот не е толку комплицирано во однос на некои други култури кои бараат многу труд и технологии во одгледувањето.
Може да се одгледува во есенските и пролетните периоди, а приносот се движи од 2-12 т/ха. (2-4 т/ха пролетниот, до 12 т/ха есенскиот).
Пред сеидбата, многу е важно подготовката на површината да се изврши благовремено, со големи количества хранливи материи, откако претходно ќе се направи агрохемиска анализа.
Лукот најдобро успева на структурни или растресити плодни почви. Затоа е потребно најнапред да се подготви или изора почвата на длабочна од 30 см, пред сеидбата да се подготви на длабочина од 15-20 см, за да се создаде тој растресит слој, кој е потребен за успешен развој на растението.
Сеидбата обично се изведува рачно. Треба да се внимава чешнињата да бидат уедначени и правилно распоредени во претходно направена бразда. Растојанието да биде 15-20 см во редот, а може и ленточно по два реда и потоа се остава простор од половина метар за подобра манипулација и обработка.
Пред пролетната сеидба обично се користат земјишни пестициди.
Како култура е многу отпорна на ниски температури. Оптимална температура за одгледување е 18-22°С, а во периодот на дозревање треба да биде и повисока, до 26°С. Влажноста на воздухот добро е да биде 60-65%.
Есенскиот лук се сее во октомври и до зимскиот период има формирано 3-4 листа. Тој стасува рано напролет, а може да се користи и како млад лук. Пролетниот лук е најдобро да се сее на почетокот од март, кога ќе се создадат услови за обработка на почвата и за сеидба.
Одгледувањето треба да биде во плодоред на секоја трета-четврта година, а најпогодни преткултури се зелка, домат и пиперка, бидејќи оставаат растресита земја.
КАКВА Е ПОДДРШКАТА ОД ДРЖАВАТА
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согледувајќи ја предноста на Договорното производство во своите нови политики и мерки, особен акцент става на Договорното производство и на тој начин делува мотивирачки на двете страни. Земајќи ги предвид законските можности, се настојува да се зголеми директната поддршка на земјоделските култури, кои ќе бидат дел од Договорно производство. Повисоки субвенции добиваат оние производители кои ќе склучат договор со откупувач и родот ќе го предадат во домашни капацитети.
Договорното производство најдобро е да се одвива со стручна помош во текот на целото производство, надгледување на насадите од подготовка на леите, расадувањето, одгледувањето, до берба на родот.
Проектот Договорно производство на органска пиперка, модар патлиџан и лук, е со поддршка на Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е