Милијардерот Бил Гејтс инвестира во австралиска старт-ап компанија, која работи на полето на климатските промени и има намера да ги намали емисиите на метан произведен од подригнувањето на кравите.
Основачот на Мајкрософт зборуваше за производството на месо и неговото влијание врз животната средина.
Кравите, козите, елените, испуштаат метан кога нивниот стомак вари тешки влакна, како што е тревата.
При тој процес на ферментација настанува метан, а најголемата количина од овој гас ја исфрлаат со подригнување.
Универзитетските истражувања покажаа дека би можело да дојде до значително намалување на емисиите на метан доколку кравите се хранат со морски треви.
Стартапот Rumin8 од Перт работи на додаток во исхраната, синтетички производ од црвени алги кој го спречува создавањето на метан.
Собрале 12 милиони американски долари во кампања за собирање средства со помош на компанијата Breakthrough Energy Ventures, која Гејтс ја купил во 2015 година, објави оваа австралиска компанија.
Во стартапот инвестирале и извршниот директор на Amazon, Џеф Безос и Џек Ма, кинески бизнисмен и основач на Alibaba.
-Многу сме задоволни од поддршката на фондовите за климатски промени ширум светот. Постои вистинска желба да се финансираат решенија за намалување на емисиите на метан од сточарството и, за среќа на Rumin8, инвеститорите ја гледаат користа во нашата технологија – изјави Дејвид Месина, директор на стартапот Rumin8.
Во октомври минатата година, со цел позитивно да се влијае врз климатските промени, Нов Зеланд предложи да се воведе оданочување на фармерите поради емисиите на гасови, кои настануваат при уринирањето и подригнувањето на нивниот добиток.
Ова ќе биде првата држава во која земјоделците ќе плаќаат за емисиите во некоја форма, почнувајќи најдоцна во 2025 година.
Во текот на 2019 година, концентрацијата на метан во атмосферата достигна историски рекорд и беше два и пол пати поголема отколку во прединдустриската ера. Научниците се загрижени бидејќи метанот има големо влијание врз глобалното затоплување.