Употребата на средствата за заштита на растенијата, секогаш е актуелна тема за земјоделците и за сите граѓани. Општ е впечатокот во јавноста за преголема употреба на пестициди од страна на земјоделците, не водејќи при тоа сметка за каренца или квалитетот на производот. Од друга страна, чести се поплаките на земјоделските производители за квалитетот на препаратите за заштита на растенијата, за слабата активна материја поради што се принудени да прскаат дополнително, што им создава нови трошоци и имаат нерентабилно производство.
На сето ова и фактот дека во земјите членки на ЕУ, се почесто сме сведоци на протести и реакции на земјоделските производители против забраните на одредени пестициди, а под влијание на еко кампањите.
Темата е широка и важна но можеби недостигаат доволно информации за граѓаните за состојбата во нашата земја, поради што често се коментира и се поставува прашањето – Дали и колку се води контрола на производите за заштита на растенијата кај нас?
Одговор на ова прашање како и за други дилеми и информации од областа на Фитосанитарната заштита разговараме со Александар Диље, овластен раководител на Сектор за агрохемија и Претседател на стручната комисија за регистрација и авторизација на производи за заштита на растенијата.
ДИЉЕ: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ја подготвува и до Владата на Република Северна Македонија секоја година ја доставува програмата за следење и мониторинг на производите за заштита на растенијата во производство и препакување, промет и употреба како и резидуи од производи за заштита на растенија во примарните земјоделски производи од растително потекло во фаза на производство. Мострите се земаат како официјални мостри од официјални контроли, а анализите се спроведуваат во Државната фитосанитарна лабораторија преку мултирезидуална метода преку која се испитуваат повеќе од 100 активни супстанции од производи за заштита на ратсенија кои се најупотребувани во Македонија.
АГРОТИМ: Каква е постапката за да може еден препарат да се регистрира односно да може да се добие дозвола за увоз и дистрибуција?
ДИЉЕ: Процедурите за регистрација согласно постоечкиот Закон за производи за заштита на растенија се спроведуваат согласно постапките за взаемно признавање на регистрациите со земјите членки на ЕУ. Тоа практично значи доколку една земја членка на ЕУ има спроведено целосна процедура на регистрација на производ за заштита на растенијата, нашата земја целосно ја прифаќа регистрацијата и го авторизира производот во сите негови составни делови вклучувајќи дури и форма и изглед на пакување.
Постапката се спроведува преку стручна комисија и за регисtрацијата да може да се прифати, потребно е позитивно мислење на најголемите стручни лица за оваа област во Република Северна Македонија. Членови на ова стручно тело се: Биљана Петановска Илиевска – редовен професор од Факултетот за земјоделски науки и храна експерт од областа на хемија, Биљана Кузмановска – вонреден професор на Факултетот за земјоделски науки и храна експерт од областа на фитопатологија, Гордана Глаткова – вонреден професор на Земјоделsкиот институт Скопје, експерт од областа на хербологијата, Весна Крстевска – вонреден професор на Институтот Прилеп експерт од областа на ентомологијата, Силвана Манасиевска Симиќ – редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна експерт од областа на физиологија на растенија и регулатори на раст на растенија, Гордана Попсимонова – редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, експерт од областа на градинарството. Ваквиот состав на комисијата дава една целосна сигурност на квалитетот, ефикасноста од употреба но и најбитното безбедноста на земјоделските производи по третманот со овие хемикалии како и безбедноста и здравјето на самите земјоделци при апликација на овие производи.
АГРОТИМ: Во јавноста постои мислење дека нашите земјоделци користат пестициди без контрола, односно се прска со препарати во недозволени концентрации како и забранети за употреба во ЕУ?
ДИЉЕ: Земјоделците имаат законска обврска да секое третирање со производ за заштита на растенијата да го евидентираат во евиденциски лист кој е законски пропишан. Со заедничката европска политика како задолжителен доказ во процесот на поднесување на барање за директни плаќања се и овие евиденциски листи. Ова се прави во земјите членки на ЕУ заради постапките на таканаречената вкрстена сообразност. Крајно време е и во Република Северна Македонија оваа процедура да е задолжителна доколку сакаме земјоделските производи да се најдат на пребирливиот европски пазар. Ако стратешка определба на нашата земја е ЕУ, мора да се прилагодиме на европските услови.
Времето на прилагодување имаше доста голем преоден период. Се разбира секако најнапред државата треба да преземе обврска на задолжителна обука на земјоделските производители за придобивките но и штетите од превземањето на овие мерки или нивно игнорирање. Како што веќе напоменав и од страна на ЕУ властите посебно од директоратот Ф кој е задолжен за инспекција на земјите членки на ЕУ но и на земјите кандидатки овој процес на регистрација во Република Северна Македонија е оценет како исклучително добар и сме на вистински пат, па оттука и нема потреба од стравување за квалитетот и безбедноста на производите за заштита на растенијата. Она што како процес ни недостасува е подигање на свеста кај сите чинители во системот дека недозволената и прекумерна употреба создава резистентност на самите производи за заштита и нивна неефикасност. Практично тоа е исто како употребата на антибиотиците во хуманата и ветеринарната медицина зголемено употребување води до неефикасни лекови и она што е полошо на немање соодветни формули за борба со штетни оганизми. Сите сме свесни дека сите живи организми се борат за својот опстанок и создаваат механизми на заштита од неповолните услови. Затоа мора да се работи на подигнување на јавната свест за проблемот.
АГРОТИМ: Колку често имаме промена на листата од ЕУ, дали ги следиме критериумите на ЕУ?
ДИЉЕ: Апсолутно. Комисијата за регистрација има состанок најмалку еднаш во месецот и се прави постојана ревизија на активните супстанции и се надополнува листата со дозволени производи за заштита на растенијата на наша територија како и намената на самите производи кај кои култури е дозволена употребата. Листата и на активни супстанции но и на производи за заштита на растенијата е целосно симулирана со листите на ЕУ особено со земјите од јужната зона во која согласно поделбата на ЕУ и ЕППО припага и Република Северна Македонија. Зоните се поделени согласно климатските и почвените подрачја како и согласно застапеноста на културите кои се произведуваат и одгледуваат. Во оваа зона припаѓаат Шпанија, Португалија, Италија, Грција, Бугарија, Кипар, Малта и Хрватска од ЕУ и Македонија, Црна Гора и Албанија по поделбата на ЕППО.
АГРОТИМ: Дали трпите извесни притисоци, ургенции…за одреден препарат да добие дозвола?
ДИЉЕ: Генерално компаниите кои регистрираат на македонскиот пазар се големи хемиски и фармацевтски компании кои секако ги следат европските искуства и практики па според тоа ги знаат и процедурите и постаките за регистрација.
Да не заборавиме дека нашата земја во глобален аспект е мало трговско подрачје и правиме се за да што повеќе да ја релаксираме состојбата и го олесниме процедурите за да имаме што поголема палета на производи достапна на пазар и да понудиме што поголема можност на заштита на растенијата. Она што ни недостасува генерално па и во оваа област е подигањето на јавната свест како и борбата со шверцот на производи. Да не заборавиме дека пестицидите се моќни хемикалии и се многу концентрирани производи, а со тоа зафаќаат мала површина со што се овозможува поголем шверц.
Да ги погледаме само извештаите на меѓународните организации за борба со шверц и царински бариери ќе видите дека по маса на пари на прво место на шверц се дрогите и психотропните супстанции, а веднаш после нив се семето, семенскиот материјал и пестицидите.
АГРОТИМ: Во чија надлежност е употребата на пестицидите и како се врши тоа?
ДИЉЕ: Државниот инспекторат за земјоделство е надлежен орган на државна управа надлежен за спроведување на инспекцискиот надзор над имплементацијата и спроведувањето на Законот за производи за заштита на растенијата. Мора да напоменам дека Фитосанитарна управа на Република Северна Македонија има навистина плодна соработка со инспекторатот и државна лабораторија, на крајот на краиштата сите ние имаме една цел безбедни производи, здрави и задоволни земјоделци и богата понуда на земјоделски производи.
АГРОТИМ: Во земјите членки на ЕУ, се почесто сме сведоци на протести и реакции на земјоделските производители против забраните на одредени пестициди, а под влијание на еко кампањите. Знаеме дека интензивно земјоделско прозводство без производи за заштита нема? Како гледате на овие процеси?
ДИЉЕ: Македонија е вклучена во сите глобални текови. Фитосанитарна управа и стручната комисија целосно ги следат глобалните текови и новите научни сознанија во областа. Па така веднаш по носењето на одлуките за забрана на употреба на голема палета на никотиноиди на ЕУ пазарот ние го следевме примерот на земјите членки на ЕУ кои припаѓаат во нашата зона и донесовме соодветни решенија со што повлековме 8 регистрирани производи за заштита од оваа палета.
Никотиноидите се отрови кои делуваат на нервниот систем на пчелите па затоа се ограничи нивната употреба само во оранжерии и затворени простори. Исто така сме целосно рестриктивни особено кон производи за кои научниот комитет на Европската агенција за безбедност на храна од Парма има донесено ново научно сознание за некоја активна супстанција дека е ендокрин прекинувач или нервен деструктор. Во моментов сме во проверка на повеќе од 20 производи за кој во најскоро време ќе донесеме решенија за забрана за ставање во промет или ограничена употреба. Од овој аспект македонските потрошувачи можат да бидат целосно сигурни и макимално заштитени. Фитосанитарната управа е целосно отворена за соработка со сите чинители во системот се за заедничко унапредување на областа за која сме надлежни.
АГРОТИМ: И на крај за преговорите со ЕУ, за важноста на агрокомплексот воопшто и на фитосанитарниот сектор. Што може да очекуваме во овој процес?
ДИЉЕ: Стратешки приоритет и определба на Република Северна Македонија е членство во евроатлантските структури. Земјите членки на ЕУ имаат само 3 заеднички политики и тоа заедничка безбедносна, монетарна и земјоделска политика. Оттука може да се види кое е значењето на агроиндустрискиот комплекс за европскиот пазар. Од целокупното законодавство на Еу повеке од 70 % припага во оваа област. За нашето приближивање кон ЕУ ни претстојат значителни реформи. Процесот значително се отежнува и со мултисекторкиот пристап. Ако само напоменам дека областа пестициди има вкрстување на политики со четири големи подрачја и надлежности на различни директорати и поглавја на ЕУ па така делот стоки и нивно движење се покрива од поглавјето слободно движење на стоки, безбедноста и употребата се регулира во областа безбедност на храна ветеринарство и фитосанитарна политика, директните плаќања во областа земјоделство и рурален развој, заштитата на природата и отпадот и опасен отпад во областа животна средина и просторно планирање.
Ни престои значителна работа и голем број на реформи за кои администрацијата е подготвена, но секако она што прво мора да се направи како бенчмарк е реорганизација на органите и нивно стриктно поделување како регулатори, административни управители и надзор и неможноста од мешање и комбинација на овие три битни сегменти и процеси.
Напишете коментар