Пазарот на житарки не мирува по веста дека првиот брод натоварен со пченка го напушти украинското пристаниште Одеса. Бродот за транспорт користи новодоговорен канал за сигурна испорака, враќајќи ја надежта на Украина дека извозот преку море ќе продолжи откако беше во голема мера блокиран од војната. На берзите не изостана реакција, а видлива е и претпазливост.
Цените на пченката и пченицата во понеделникот се намалија, а најголем пад доживеа маслодајната репка.
На парискиот MATIF цената на пченицата за септемврискиот договор се тргуваше во понеделникот по цена од 336 евра/т, а за ноемвриските договори беше 325,50 евра/т. Тоа е намалување за 2,04 односно 1,88 отсто.
После наглиот скок, цените на маслодајната репка сега доживеаја најголем пад. Договорите за ноември паднаа на 651,25 евра/т, што е намалување од 5,8 отсто. Цената на старата пченка е сепак повисока од онаа на пченицата. Изнесуваше 342 евра/т, што е за 2,91 отсто помалку. Најмногу падна цената за новата реколта за 2,44 отсто и изнесуваше 320,25 евра/т.
На чикашкиот CBOT, пченицата за септемврискиот договор се продаваше за 290,30 евра/т или 807,75 американски центи по бушел, што е пад од 1,13 отсто.
Пченката имаше цена од 237,30 евра/т или 616,25 центи за бушел, што е пораст од 0,20 отсто. Цената на сојата за август 2022 година беше 588,33 евра/т или 1637,00 центи за бушел. Растот беше 1,72 отсто.
Септемвриските договори за овес беа со цена од 448,00 центи за бушел или 301,89 евра/т.
Треба да се има предвид дека, како резултат на извозните блокади, на Украина и останале околу 25 милиони тони пченица, како што пренесува Ројтерс. Во наредниот период треба да се извезува преку црноморските пристаништа, што може да влијае на натамошен пад на цените на берзите. Министерството за инфраструктура на Украина минатата недела процени дека трите пристаништа на Црното Море, Одеса, Чорноморск и Пивденњи, ќе можат да извезуваат околу 3 милиони тони, па дури и повеќе, земјоделски производи месечно.
