Се почесто сретнуваме млади луѓе кои својата иднина ја гледаат во земјоделското производство, а еден од нив е и 34 годишниот Блерим Бесими , дипломиран економист на факултетот за Јавна администрација и политички науки и магистер во областa на дипломатијата. Млад образуван човек, а сака да го минува времето во плантажите со јаболка и сливи. Овој млад домаќин остекогаш сонувал да се занимава со земјоделство и да си биде “свој на своето“. Сништата му се остваруваат, а големата работа, трудољубивост и семејната слога даваат резултати.
– „ Секое земјоделско производство го следат подеми и падови, високи приноси, а понекогаш и губитоци. Меѓутоа, како и во секоја друга гранка на земјоделството, ако имаш доволно знаење и знаеш како да го искористиш во пракса, резултатите нема да изостанат“, раскажува на почетокот на нашиот разговор Блерим.
Потекнува од старо земјоделско семејство, производители генерации наназад од дедо, прадедо, неговиот татко и сега тој како најмлад продолжувач на семејната традиција. Со земјоделие започнува да се занимава по завршување на средното образование, а по активно се вклучил по завршувањето на магистерски студии.
– „Задоволен сум , одлучив да се занимавам со земјоделство, не се каам и сигурен сум дека направив добар потег. Произведувам јаболка од сортите ајдарет, златен и црвен делишес, мучо, јанаголд, грени смит, фуџи, пинк лејди и гала. Располагам и со насади со сливи од сортата стенли. Корисник сум на субвенции за одржување на овошни насади додека се уште не сум аплицирал за мерките од ИПАРД програмата и Млад земјоделец“, за што планирам понатаму -појаснува Блерим.
Пребирливиот пазар, особено странскиот, се построгите барања во поглед на почитување на прописите во обработката, примената на агротехнички мерки и заштита, потоа во поглед на квалитетот и асортиманот на овошје кое го бараат купувачите, се нови и постојани предизвици за Блерим кои доследно ги почитувал. Го сака она што го работи, а мотивација му дава пред се задоволството на купувачот и со тоа се гордее многу.
– „ Фокусиран сум за квалитетно производство да пласирам на пазарот, моите јаболка најдоа место на пазарите во Русија, Бугарија, Романија, Ирак, Косово, Египет, а задоволен сум што најново го освоив и норвешкито пазар. Во производството користам препарати и ѓубрива по регулатива на т.н Green list за да можат моите производи да ги пласирам низ целиот свет. Мислам дека државата треба повеќе да се насочи кон едукација на младите земјоделци од земјава за да успеат во овој бизнис со производство на квалитет, конкурентен не само на домашниот пазар туку и на странските пазари“, смета овој млад земјоделец.
Бесими е добитник на повеќе признанија за квалитет на производители, што како што вели тој, за него претставува мотив за поуспешна работа во иднина. Размислува да започне и со производство на лешник, орев, цреши и малини а планира во иднина од конвенционално да премине во органско производство. Истото го размислува и за цела Преспа со реализација на проект за премин од конвенционално во органско производство.
– „ Потребна е едукација со која би се допрело до свеста на младите земјоделци за добра земјоделска пракса но за сево ова треба време и секако помош од државата. Ние сме земјоделска држава и имаше квалитетни производи каде можат да најдат свое место на пазарите низ Европа и светот. Во земјоделството вложувам труд и љубов, а сето она кое ќе го произведам во една родна година за мене претставува гордост. Горд на квалитет и квантитет, а квалитот се постигнува со разбирање, искуство и добри временски услови во текот на годината. Имам многу идеи, а проект кој едвај чекам да видам колку ќе биде успешен и поволен за земјоделците ќе видиме понатаму, авионско засејување на облаци како мерки против град и непогоди“, објаснува Блерим.
Постојаната анализа на трошоците и приходите, следење на трендовите, информирање по пат на интернет се само некои од работите кои му помагаат да го унапреди и модернизира своето производство. Ние го прашавме што го прави едно домаќинство да биде успешно и колку информации се добиваат преку интернет значајни за производителите.
Многу е важно, истакнува тој дека внимателно се следи развојот на овошките и се употребуваат сите агротехнички мерки. Исто така, потребно е да се следат и сите трендови и сите дополнителни информации да се имаат при рака, а ништо од сето тоа доколку не се осигура производството.
-Земјоделците мора да прифатат дека конкурентно производство и успешен бизнис ќе имаат само доколку го осигураат производството. Како во кампањата -Не гледај во небото осигури се! секоја година осигурувам од мраз и од град, а во тоа секако голема помош е и субвенцијата од државата со платени 60% од полисата – вели Блерим.
Заминавме од кај Блерим уверени дека во неговата работа е вткаена љубов кон природата и длабока почит кон она што таа го дава.
Напишете коментар