Австрискиот пекар Мартин Ауер привлече големо внимание со отворање на пекарницата „Рај Бејкери“ во њујоршкиот кварт Сохо во која може да се најде органски ’ржан леб со природен квасец од цена до 60 долари. Лебот се пече во печка увезена од Германија. Бизнисот е семејна традиција која се пренесува од генерација на генерација, со 45 продавници во Австрија.
Во пекарницата, покрај цел леб, може да се купи и парче ’ржан леб во комбинација со различни намази и додатоци, меѓу кои путер и праз, икра од лосос или мармалад од кајсии. Официјалното отворање во септември предизвика голем број негативни реакции поради високата цена.
– Го разбирам гневот на нашите муштерии, но лебот го подготвуваме со стартер култура стара дури 57 години. Брашното се доставува од Австрија, а особено внимание се посветува на начинот на подготовка, вели Ауер, објаснувајќи дека ’ржта е потешка за обработка од пченицата и бара поинаков пристап за да се постигнат посакуваната текстура и вкус. Обичниот леб во Њујорк чини само неколку долари, што ја прави цената од 60 долари особено впечатлива, заклучи тој.
МИА
