Акумулацијата „Палурци“ кај Богданци веќе неколку денови се полни со вода од хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ по одлуката на Владата од 23 овој месец кога го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да го стави во функција системот за да се обезбеди доток на вода.
Според информациите од Министерството, полнењето се одвива согласно капацитетот на хидросистемот, а водата е потребна за наводнување на посевите во овој регион.
– Акумулацијата „Палурци“ ќе се полни во траење од 15 до 20 денови во зависност од потребите и ние како Министерство ја спроведуваме одлуката на Владата која беше донесена на барање на Ад „Водостопанство“, изјави Каја Шукова, државен секретар во МЖСПП, пренесе МИА.
Со дотурот на вода во Палурци треба да се обезбедат услови за наводнување на земјоделските површини кои се засеани со градинарски и други култури во Општина Богданци и населените места Стојаково и Ѓавато.