Водата претставува еден од најважните услови за успешно производство на зеленчук. Зеленчуковите култури имаат зголемени потреби од вода поради нивната бујна надземна маса, крупните листови и интензивната транспирација. Дополнително, нивниот коренов систем најчесто е развиен во површинскиот слој на почвата, каде што резервите на вода се ограничени и нестабилни, што ја прави редовната и правилна примена на наводнувањето неопходна за нормален раст и развој.
Недостатокот на вода во почвата го ограничува растот на растенијата, го намалува приносот и негативно влијае врз квалитетот на производството. Доколку растенијата подолг период се изложени на недостиг од влага, настанатите оштетувања не можат целосно да се надоместат со дополнително наводнување. Исто така прекумерната влажност има негативно влијание, бидејќи предизвикува намалена содржина на шеќери, витамини и минерали, појава на анаеробни услови во почвата и слаб развој на кореновиот систем. Во такви услови растенијата пожолтуваат, заостануваат во растот и можат целосно да пропаднат. Особено неповолни се наглите промени од сушни кон премногу влажни услови, бидејќи предизвикуваат нерамномерно снабдување на растенијата со вода, што често резултира со пукање на плодовите и коренестите органи кај многу зеленчукови култури.
Високи и квалитетни приноси можат да се постигнат само доколку се одржува поволен воден режим во почвата. Кај зеленчуковите култури техничкиот минимум на влажност најчесто изнесува од 70 до 85 % од полниот воден капацитет на почвата, во зависност од видот на културата. Бројот и интервалот на наводнувањата зависат од временските услови, количината и распоредот на врнежите, типот на почвата и фазата на развој на растението. Вообичаено, во текот на вегетацијата наводнувањето се изведува на секои 3 до 7 дена, додека во услови на високи температури и суша може да биде потребно и почесто. Кај повеќето зеленчукови култури кореновиот систем е концентриран во површинските слоеви на почвата.
Во првите 40 до 50 дена од вегетацијата најголемиот дел од кореновата маса се наоѓа на длабочина од 10 до 20 cm, поради што е неопходно во овој слој постојано да се одржува оптимална влажност. Во современото производство најрационален и најекономичен начин на наводнување е системот „капка по капка“. Овој систем овозможува прецизно дозирање на водата во зоната на коренот, намалување на загубите и истовремена прихрана на растенијата преку системот за наводнување. Во заштитени простори, како што се пластениците и стаклениците, целокупната потребна количина вода се обезбедува преку наводнување. Во овие услови се применуваат почести наводнувања со помали норми, со цел да се одржува оптимална влажност во површинскиот слој на почвата каде што резервите на вода најбрзо се менуваат.
Правилното и навременото наводнување претставува еден од основните предуслови за постигнување висок, стабилен и квалитетен принос кај зеленчуковите култури.
Извор: Агрометео
