Добро подготвената почва, правилниот рок на сеидба и соодветната количина на семе се клучни за успешно производство на пченицата и останатите стрни жита
Сеидбата на стрните жита е еден од најважните агротехнички зафати во есенскиот период. За успешно производство не е доволно само да се зголеми количината на семето или да се намали употребата на ѓубрива. Правилната подготовка на почвата, навремениот рок на сеидба и правилно одредената сеидбена норма имаат големо значење за понатамошниот развој на растенијата и постигнувањето добар принос. Кај пченицата длабочината на основната обработка на почвата, првенствено зависи од количината на жетвените остатоци од претходната култура. Орањето може да се изостави доколку основната обработка е извршена навреме за претходната култура. Несоодветната основна обработка може да остави недоволно заорени жетвени остатоци, воздушни празнини и грутки, кои потоа тешко се отстрануваат. При основната обработка и предсеидбената подготовка потребно е работите да се изведуваат навреме. Површинскиот слој до околу 8 cm треба да биде растресит, со добра трошкаста структура, додека почвата под него треба да биде добро слегната. Ваквата структура создава поволни услови за правилно положување на семето и рамномерно никнување.
Рокот на сеидба е еден од клучните фактори за успешно презимување на пченицата. Целта е растенијата пред почетокот на зимскиот период да влезат во фаза на почеток на братење, со едно до две секундарни стебленца или со развиени три листа. Една од честите грешки е прекумерното зголемување на густината на посевот со цел да се надомести недоволното братење. Прегустиот посев може да влезе неподготвен во зимскиот период, а растенијата може да бидат поосетливи на ниски температури. Воедно, погустите посеви создаваат поголема конкуренција меѓу растенијата за вода и хранливи материи, а со тоа се зголемуваат и трошоците за производство.
Во зависност од крупноста на семето, сортата и неговата ртност сеидбената норма не е иста за сите сорти, туку треба да се приспособи според квалитетот на семето, рокот на сеидба и условите на парцелата. Современите сорти пченица имаат добра способност за братење и формирање на развиен јазол на братење, што овозможува формирање на секундарен коренов систем. Оптималната количина на семе е онаа што обезбедува соодветен број растенија на единица површина и зависи од физичките својства на семето, климатските услови, сортата, рокот на сеидба и квалитетот на подготовката на почвата.
Ѓубрењето треба да биде усогласено со потребите на посевот, за постигнување високи приноси, количината на хранливи материи треба да се приспособи според плодноста на почвата и потребите на културата. Фосфорот и калиумот се внесуваат пред основната обработка, додека дел од азотот се внесува пред сеидбата.Кај подоцнежните рокови на сеидба, количината на азот пред сеидбата треба да се намали или да се изостави, бидејќи поголем дел од потребниот азот се применува во прихранувањето по излегувањето на растенијата од зимскиот период.
По сеидбата, доколку условите го дозволуваат тоа, парцелата треба да се изваља. Добро изведената сеидба подразбира најголемиот дел од семето да биде поставен на соодветна длабочина, најчесто 3–5 cm, што овозможува рамномерно никнување. Доколку почвата е сува во периодот на сеидбата, не значи дека сеидбата треба да се изостави. Во такви услови, длабочината на сеидбата може внимателно да се приспособи, до околу 5 cm, со цел семето да се постави во слој со подобра влажност и да се избегне нерамномерно никнување.
Навремената сеидба, добро подготвената почва и правилно определената сеидбена норма се основа за добро вкоренување, братење и успешно презимување на стрните жита.
Извор: Агрометео
