На овошните плантажи на компанијата „ЖИТО ЗЕМЈОДЕЛИЕ“ од Велес, од пред 7 години опитно се насадени 30 садници фстак.
Идејата е на Жарко Ѓошевски еден од сопствениците и вљубеник во земјоделството, особено во новитети во аграрот и модернизација на производството. Така изгледаат и нивните најголеми и современи насади со круша на 35 хектари а исто така имаат и 20 хектари со трпезно грозје, винско грозје на 43 хектари и вишна 20 хектари.

-Мене отсекогаш ме интересирале новитети во земјоделството, нови култури, нови производства за кои има пласман и добра цена на европските пазари. За производство на фстаци идејата одамна ја разгоавравме со професорот од Земјоделски Факултет – ценетиот Борис Ристевски – кој велеше дека Македонското поднебје одговара многу за одгледување на фстак. Во Турција и Грција при мои посети, ми се потврди ова мислење и набавив садници да пробам како ќе успеаваат на наше поднебје – вели Ѓошевски.
Пред 7 години Ѓошевски набавил 30 садници од Грција кои ги засадил на површините во велешко. Инаку садниците сеуште не се ставени во програмата за субвенционирање од страна на државата.

-Освен одењето мое во Турција каде што има големо производство, експертски тим од таму дојдоа и на нашите овошни плантажи и самите потврдија дека нашата земја има одлични услови за одгледување на фстак и дека го имаме многу како див, кој треба само да се калеми.
Инаку поднебјето е идеално за оваа култура.Садниците немаше од каде да набавам, ги нема ни во листата за субвенционирање, па за проба набавив од Грција 30 стебла. Имам и предлог да направиме како Турција, да земеме калем од моите дрвја и да се искалеми дивиот фстак што го има многу низ нашата држава – вели Ѓошевски.

Според него, фстаците плод започнуваат да даваат петата година но малку. Дрвата се слабо бујни и првите години тоа не расте. За ова време расте неговиот корен кој достигнува длабочина од 10 метри. Приносот е во зависност од многу фактори, сорта, растојание , вода, но се движи околу 2 -3 тони кога дрвата се во полна зрелост а тоа е после 8-9 години. Проблем е тоа што ретко се наоѓаат готови садници и се скапи , околу 25 евра. За ова производство генерации после нас ќе не благослуваат бидејќи ова дрво е вечно. Единствена култура која раѓа 100 години – заклучува Ѓошевски.

ШТО ВЕЛИ НАУКАТА ЗА ФСТАКОТ
Pistacio е дрвенеста култура која припаѓа на фамилијата (Anacardiaceae) и е листопадна култура со ниско стебло и успева во потопли региони. Висината на стеблото е до 10 м и животен век од 100 години, цвета во текот на месец март пред листањето. Цветовите се ситни, коренот е разгранет и навлегува во почвата до 7 м длабочина, плодод е коскест долг 1 до 2 см и широк 2см и кората пука во текот на созревањето .
Услови за одгледување – во топли региони, а не е осетлив на ниски температури што значи издржува температурни разлики од – 30 °C до + 42 °C и се одгледува на терени до 1.200 m n/v. Во однос на почвата не е пребирлива култура, а погодна е и на длабока и глинена почва бидејќи коренот навлегува длабоко во почвата.
– Време на садење е есен
-Потребни се машки и женски растенија за оплодување
-Првиот принос го дава од 5та година(доколку е од садник) а ако е од семка после 10 година
-Бербата е од јули до август
-Во полна родност едно стебло дава до 50 кг (30 кг без лушпа)
Покрај бројните предности, фстакот (Pistacia Vera) ретко се сади дури и во македонските домаќинства, според тврдењата на проф. д-р Борис Ристевски, еден од најценетите македонски научни работници во овоштарството. Како на овие простори, така и во светот оваа овошка е дефицитарна и покрај тоа што е украс на градината и е значително поотпорна на суша од другите култури.
Фастакот спаѓа во групата на јужни суптропски овошја, но како резултат на поголемата отпорност на мраз, може да се преобрази во топлољубиво долговечно континентално растение.
Еден од доказите за долговечноста се наоѓа во паркот на Земјоделскиот факултет во Скопје. Во далечната 1970 година на подлогите на Pistacia Terebintus (смрдливка) – див вид на фстаци кој опстојува во Македонија, окалемени се десетици гранчиња на Pistacia Vera. Овие овошки се развија и раѓаат веќе четириесет години, издржувајќи на температури и од 26 степени под нулата.
Од Иран, Турција, Сирија и некои земји од Медитеранот, каде што се одгледува на плантажи, фстакот е донесен во Европа.
„Плодовите се ситни со бели тврди семки кои пукаат при созревање и го ослободуваат мошне вкусното зелено јадро”. Фстакот се вбројува во најскапите и најквалитетни јаткасти овошја.

Сепак, малку се плантажите во светот кои со лесен транспорт и висока цена го поттикнуваат садењето во Грција, Калифорнија, САД итн. Големата отпорност на суши овозможува да се одгледува во подрачја во кои просечното количество на дождови во текот на годината изнесува дури 20-30 милиметри.
Веќе во првата година, главниот корен продира во тлото до метар и половина, а по повеќе години и до 25 метри. Инаку, добивањето на садници од семето не е комплицирано. Семињата од диви фстаци се сеат на постојано место и по година до две се калеми благородната сорта.
Фстакот е двополово растение има и машки и женски единки. Се садат десет женски и едно машко. Некогаш меѓуредовото растојание изнесувало 10 -15 метри, додека денес тоа е шест метри на плантажите во светот, а растојанието помеѓу овошките во редот изнесува 2-3 метри. Во такви густи насади бербата може да изнесува и до шест тона по хектар, под услов редовно да се наводнува. Опрашувањето на фастакот е со ветер.
Како резултат на значителната отпорност на суши, успева на земјишта на кои не расте дури ни плевелот. Може да се сади и во викенд-зоните затоа што не бара заштита и наводнување, а го украсува просторот.
Листовите му се крупни, со темнозелена боја, а плодовите се групирани во гроздови. Тоа е единствено широколисно дрвенесто растение кое, благодарејќи на смолните канали, ослободува специфичен пријатен мирис. Добар пример за тоа се бројните викенд-населби во околината на Скопје во кои стеблата од питом костен и орев се заменети со фстаци. По само две-три години фстаците ги даваат првите плодови, коишто и покрај сушата и неквалитетното земјиште, добро се развиени.
Постојат повеќе видови на фстаци. Поценети се оние со крупни плодови и поголем процент на распукани лушпи. Во споредба со другите јаткасти плодови содржат помалку масти (55-60%), повеќе белковини (20-26%) и имаат подобар аминокиселински состав.

Kade moze da se nabavi rasad