На денешната прес конференција во Владата, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски детално објасни, за што конкретно ќе се искористат средствата од кредитот во висина од 50 милиони евра од Светска банка.
-Кредитот, е веќе договорен и потпишан помеѓу бордот на Светска банка и Министерството за финансии и веќе е ставен во собрание каде ќе мора да биде донесен закон во форма на задолжување , но со неговото распуштање се прекина постапката. Но важно е дека првичниот договор е веќе потпишан и се знае точно за што и каде ќе бидат искористени овие 50 милиони евра.
„Најголемиот дел секако ќе биде инвестиран во изградбата на трите откупно- дистрибутивни центри во Скопје, Струмица и Ресен. Потоа се планира да се реши еден децениски проблем околу регистарот и пописот на вкупното државно земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и пасишта кои во оваа фаза ќе имаат подеднаков третман. Тоа се поголемите проекти. Потоа, планирано е да се изгради кафилерија и за тоа ќе се користат 4.5 милиони евра од кредитот и 4.5 милиони евра грант до Европската комисија“-изјави министерот.
Исто така , министерот објасни дека, во помалите ставки влегува целосна реконструкција на Платежната Агенција, веќе е најдена нова зграда , тука спаѓаат и нови компјутери, нова фасада и слично. Секако треба да се напомене дека во моментот кога ќе започнат да работат откупните центри ќе треба да се направи една едукација со земјоделците, па затоа планирана е една ставка за соведодавни услуги за земјоделците.
