Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го стави на увид на ЕНЕР новиот закон за земјоделство и рурален развој. Ова е можност со коментари, сите заинтересирани активно да земат учество во носењето на овој важен документ за земјоделските производители но и за сите кои на било каков начин се поврзани со земјоделското производство.
На платформата Агротим го пренесуваме законот поделен во неколку објави со цел да имате поголема прегледност и запознавање со содржината.
Законот во целост го имате на следниот линк.
Откуп на земјоделски производи
Член 69
(1) Откуп на земјоделски производи, освен тутун, се врши во вид на трговија на големо, откуп за преработка на земјоделски производи и откуп за сопствени потреби доколку се врши на откупно место согласно одредбите од овој закон, а за се што не е уредено во овој закон согласно со Законот за трговија и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
(2) Откуп на земјоделски производи во смисла од овој закон можат да вршат само правни лица кои се регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица кои се регистрирани за вршење на трговија на големо со земјоделски производи и се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи што се води при Министерството.
(3) Откупот на земјоделски производи се врши на откупни места одредени од откупувачот кои ги исполнуваат условите согласно овој Закон.
(4) При откуп односно физичкото преземање на земјоделските производи откупувачот на производителот задолжително му издава документ за прием на земјоделските производи на кој се потпишуваат претставник на откупувачот и лицето од кое се врши откупот во кој задолжително се наведува датумот на откуп, името и презимето на лицето од кое се врши откуп, количината и цената на земјоделските производи кои се откупуваат.
(5) На секое откупно место задолжително се истакнуваат откупните цени по земјоделски производ за земјоделските производи кои се предмет на откуп, а доколку откупот се врши по класи тогаш се истакнуваат и откупните цени по класи според кои ќе се врши откупот за оние земјоделски производи за кои има дефинирано класи согласно Законот за квалитет на земјоделски производи.
(6) Откупот на земјоделските производи може да се врши врз основа на писмен договор склучен помеѓу производителот и откупувачот пред вршењето на откупот, освен за земјоделските производи од став (7) на овој член за кои откупот задолжително се врши врз основа писмен договор склучен пред вршењето на откупот или најдоцна на денот на откупот по цени истакнати согласно став (5) на овој член или по повисоки цени, односно по цени договорени во договорите за откуп.
(7) Земјоделските производи за кои задолжително се склучува договор ги пропишува министерот.
(8) Покрај условите од ставовите (2), (3), (4) и (5) на овој член правните лица кои вршат откуп на земјоделски производи треба да ги исполнуваат и следниве услови:
- да имаат соодветна големина на правното лице и шифра на дејност трговија на големо или преработка со земјоделски производи или со запишана општа клаузула за бизнис со регистрирана подружница за дејност трговија на големо или преработка со земјоделски производи;
- да имаат ликвидност во смисла на расположливи финансиски средства за откуп на земјоделски производи;
- солвентност во смисла на намирени обврски за откуп на земјоделски производи согласно овој закон, освен за правни лица кои поднесуваат барање за упис во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи и
- да располагаат со соодветни објекти и опрема за преземање, сортирање, мерење, складирање и чување на земјоделските производи кои ги откупуваат.
(9) Доколку откупот го вршат правни лица кои се регистрирани за вршење на трговија на големо со земјоделски производи да имаат склучени договори за понатамошна трговија (односно продажба) со друго правно лице доколку земјоделските производи кои се предмет на откуп не се наменети за продажба на сопствени продажни места.
(10) Поблиските услови за вршење откуп на земјоделски производи од ставовите (2), (3), (4), (5), (6) и (8) на овој член ги пропишува министерот.
(11) Условите на овој член правните лица ги докажуваат врз основа на следната документација:
- Тековна состојба и Потврда дека не е отворена стечајна и ликвидациона постапка издадени од Централен регистар на Република Северна Македонија;
- доказ за регистрирање во Регистарот на објекти и оператори со храна издадено од Агенција за храна и ветеринарство доколку е регистриран за вршење на соодветна дејност преработка на земјоделски производи, односно колење на жив добиток;
- Решение за упис во регистарот на производители на вино од Министерството, доколку е преработувач на винско грозје;
- Потврда за упис на производни капацитети на земјоделско стопанство согласно претходен упис на капацитети во ЕРЗС, со статус на капацитети кој одговара на фактичката состојба, доколку е регистриран за одгледување на жив добиток.
- Потврда за вработени лица од Агенција за вработување;
- Склучени договори за понатамошна трговија со друго правно лице доколку земјоделските производи кои се предмет на откуп не се наменети за продажба на сопствени продажни места, а доколку откупот го вршат правни лица кои се регистрирани за вршење трговија со земјоделски производи;
- Имотен лист, договор за закуп или користење како доказ дека откупувачот располага со соодветни објекти и опрема и/или изјава заверена на нотар за располагање со соодветни објекти и/или опрема;
- Одобрение од надлежниот орган на општината и општините на градот Скопје за локацијата на која ќе се врши откуп на мобилни откупни места за периодот за кој се планира откупот на земјоделските производи доколку откупот се врши на градежно земјиште во државна сопственост или Одобрение за собирен центар за жив добиток издадено од Агенција за храна и ветеринарство;
- Заверена пријава за исполнување на минимално техничките услови за вршење на трговија и за почнување со работа на продажен или друг деловен објект од Државниот пазарен инспекторат, доколку откупот на земјоделските производи се врши на постојано откупно место и
- Документ за расположливи финансиски средства и намирени обврски за откуп на земјоделски производи и тоа:
10.1. писмо на интерес од деловна банка за докажување на расположливи финансиски средства за откуп за тековната година;
10.2. информација за економско финансиска состојба издадена од Централен Регистар на Република Северна Македонија или
10.3. ревизорски извештај од независна ревизорска куќа доколку има законска обврска за работењето во претходната година.
(12) Исплатата на откупените земјоделски производи откупувачот е должен да ја изврши во рок од 30 дена од денот на откупот, односно предавање на земјоделскиот производ кај отупувачот, освен за винското грозје кое се исплаќа согласно Закон за виното.
(13) Откупувачот е должен најдоцна до 31 март во тековната година до Министерството да достави податоци за реализиран откуп за претходната календарска година и планирани количини за откуп на земјоделски производи за наредната производна сезона или истите да ги внесе во системот од член 72 став (1) од овој закон.
(14) Откупувачот е должен најдоцна до 15ти во тековниот месец да внесува податоци за реализиран откуп од претходниот месец и податоци за планиран откуп за наредниот месец во системот од член 72 став (1) од овој закон во текот на откупната сезона.
(15) По барање на Министерството откупувачите се должни да достават податоци за реализиран откуп во електронска форма или истите да ги внесат во системот од член 72 став (1) од овој закон и за други земјоделски производи освен наведените во став (12) на овој член во текот на откупот или по завршувањето на откупната сезона.
(16) Земјоделските производи за кои задолжително се доставуваат и внесуваат податоци за откуп согласно став (14) на овој член, видот, формата и содржината на податоците од ставовите (13) и (14) на овој член ги пропишува министерот.
(17) Податоците од ставовите (13) и (14) на овој член можат да бидат користени за потребите на земјоделскиот пазарен информативен систем од член 29 од овој закон.
Форма и содржина на договор за откуп на земјоделски производи
Член 70
(1) Договорот за откуп на земјоделски производи (во натамошниот текст: договорот) се склучува во писмена форма.
(2) Договорот од став (1) на овој член особено содржи:
- вид на производ и квалитет;
- цена и количина на производот;
- времетраење на договорот;
- услови и рокови за испорака на земјоделските производи кои се предметот на договорот;
- начин и рок на плаќање;
- место на испорака на земјоделскиот производ и
- одредби за престанување и раскинување на договорот.
(3) Договорот може да се однесува за една или повеќе производни години.
(4) Измена на договорот од став (1) на овој член договорните страни не можат да вршат без согласност на двете договорни страни.
(5) Измена на договорот од став (1) на овој член договорните страни можат да извршат најдоцна еден ден пред предавање на производот од договорот.
(6) Производителот не смее да склучува договор за количини на даден земјоделски производ за кои има склучено договор со друг откупувач.
(7) Цената од став (2) на овој член може да се одреди и како опсег на минимална и максимална цена.
(8) Точниот износ на цената од ставовите (9), (10) и (11) на овој член се утврдува најдоцна на денот на откупот на земјоделските производи во рамките на договорениот обсег имајќи ја предвид пазарната цена на производот.
(9) Во случај кога пазарната цена е до 20% повисока или пониска од договорената цена во рамките на договорениот опсег, откупната цена е максималната или минималната во договорениот опсег.
(10) Во случај кога пазарната цена е повисока над 20% од максимално договорената цена во рамките на договорениот опсег, откупната цена може да се зголеми до 20% од максимално договорената во договорениот опсег.
(11) Во случај кога пазарната цена е пониска над 20% од минимално договорената цена во рамките на договорениот опсег, откупната цена може да се намали до 20% од минимално договорената во договорениот опсег.
Упис во Регистарот на откупувачи
Член 71
(1) Правните лица поднесуваат барање и потребна документација за докажување на исполнетост на услови до Министерството за запишување во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
(2) Овластеното службено лице од Министерството кое ја води постапката за упис во регистарот на откупувачи на земјоделски производи е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето од став (1) на овој член по службена должност да поднесе барање за прибавување на документи за исполнетост на условите од член 69 став (8) точка 1 од овој закон до надлежниот јавен орган.
(3) Овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите и документите од став (2) на овој член е должно да ги достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето.
(4) Министерството донесува решение за упис во регистарот на откупувачи на земјоделски производи односно решение за одбивање на барање за упис во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.
(5) Против решението на Министерството за одбивање на барањето за упис од став (4) на овој член барателот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(6) Формата и содржината на барањето од став (1) на овој член ги пропишува министерот.
Начин на водење на Регистарот на откупувачи на земјоделски производи
Член 72
(1) Регистарот на откупувачи на земјоделски производи се води во Министерството во електронска форма со апликативен софтвер за евиденција на податоците од член 69 ставови (13) и (14), член 71 став (2) и од барањето за упис од член 71 од овој закон.
(2) Покрај податоците од став (1) на овој член во Регистарот задолжително се регистрираат сите промени на запишаната состојба.
(3) За промените од став (2) на овој член регистрираните откупувачи се должни да го известат Министерството во рок од 15 дена од денот на настанувањето на промената.
(4) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето за промена донесува решение за упис на промените во регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
(5) Државниот инспекторат за земјоделство најмалку еднаш годишно до Министерството доставува записник за исполнетост, односно неисполнетост на условите од членовите 69 и 70 од овој закон, како и за почитување на обврската од став (3) на овој член.
Бришење од Регистарот на откупувачи на земјоделски производи
Член 73
(1) Министерот со решение ги брише регистрираните откупувачи од Регистарот од член 72 од овој закон во следниве случаи:
- по писмено барање од органот на управување на регистрираниот откупувач;
- при објавување на ликвидација или отворена стечајна постапка;
- доколку се утврди дека откупувачот е регистриран врз основа на неточни податоци и
- кога ќе престане да ги исполнува условите од член 69 од овој закон и/или кога е доставен записник за неисполнетост на услови од страна на Државниот инспекторат за земјоделство согласно член 72 став (5) од овој закон.
(2) Против решението од став (1) на овој член откупувачот може во рок од 15 дена од денот на приемот на истото да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(3) По правосилноста на решението од став (1) на овој член откупувачот се брише од Регистарот на откупувачи.
Регистар на увозници на одделни земјоделски производи
Член 74
(1) Правните лица кои увезуваат одделни земјоделски производи (во натамошниот текст: увозници) со цел да ги продаваат во првобитна, доработена или во преработена форма се регистрираат во Регистарот на увозници на одделни земјоделски производи.
(2) Се забранува увоз на одделни земјоделски производи од правните лица кои се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи за време на вршење на откупот на истите земјоделски производи.
(3) Услови за упис во Регистарот на увозници на одделни земјоделски производи се:
- да имаат соодветна големина на правното лице и шифра на дејност трговија на големо или преработка со земјоделски производи или со запишана општа клаузула за бизнис со регистрирана подружница за дејност трговија на големо или преработка со земјоделски производи или производство на пекарски производи;
- солвентност во смисла на намирени обврски за откуп на земјоделски производи доколку врши откуп на земјоделски производи согласно склучени договори за откуп;
- да располагаат со соодветни објекти и опрема за преземање, сортирање, складирање и чување на земјоделски производи;
- да имаат склучени договори за продажба на увезените земјоделски производи доколку не се наменети за сопствена преработка и
- да достават податоци за планираните количини на одделни земјоделски производи наменети за увоз и потеклото, односно од која земја се врши увозот.
(4) На барање на Министерството, покрај условите од став (2) на овој член, увозниците треба да достават доказ за ликвидност во работењето во вид на банкарски гаранции.
(5) Поблиските услови, како и потребната документација за докажување на исполнетост на условите од од ставовите (3) и (4) на овој член поблиску ги пропишува министерот.
(6) Условите од став (3) на овој член правните лица ги докажуваат врз основа на следната документација:
- тековна состојба и доказ дека не е отворена стечајна и ликвидациона постапка издадени од Централен регистар на Република Северна Македонија;
- доказ за регистрирање во Регистарот на објекти и оператори со храна издадено од Агенција за храна и ветеринарство;
- потврда за вработени лица од Агенција за вработување;
- склучени договори за понатамошна продажба со друго правно лице за количините кои не се наменети за преработка за сопствени потреби;
- доказ дека правното лице располага со соодветни објекти и опрема;
- доказ дека земјоделските производи наменети за увоз ги исполнуваат условите согласно прописите за безбедност на храна и квалитет на земјоделски производи;
- доказ за исполнување на минимално техничките услови за вршење на трговија и за почнување со работа на продажен или друг деловен објект;
- доказ за расположливи финансиски средства за планираниот увоз на одделни земјоделски производи и
- доказ за намирени обврски за откуп на земјоделски производи доколку врши откуп на земјоделски производи согласно склучени договори за откуп и
- договори за откуп на земјоделски производи согласно член 70 од овој закон
(7) Начинот на водење и бришење од регистарот на увозници на одделни земјоделски производи се врши согласно со членовите 71, 72, 73 и 75 од овој закон.
(8) Владата на предлог на министерот ги пропишува одделните земјоделски производи од став (1) на овој член.
Упис во регистар на увозници
Член 75
(1) Увозниците поднесуваат барање и потребна документација за докажување на исполнетост на условите до Министерството за запишување во регистарот на увозници на одделни земјоделски производи.
(2) Формата и содржината на барањето од став (1) на овој член како и потребната документација за докажување на исполнетост на условите од член 74 ставови (3) и (4) од овој закон ги пропишува министерот.
(3) Овластеното службено лице од Министерството кое ја води постапката за упис во регистарот на увозници на одделни земјоделски производи е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето од став (1) на овој член по службена должност да поднесе барање за прибавување на документи за исполнетост на условите од член 74 став (3) точка 1 од овој закон до надлежниот јавен орган.
(4) Овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите и документите од став (3) на овој член е должно да ги достави во рок од три дена од денот на приемот на барањето.
(5) Министерството донесува решение за упис во регистарот на увозници на одделни земјоделски производи, односно решение за одбивање на барање за упис во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.
(6) Против решението на Министерството за одбивање на барањето за упис од став (4) на овој член барателот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Начин на водење на Регистарот на увозници на одделни земјоделски производи
Член 76
(1) Регистарот на увозници на одделни земјоделски производи се води во електронска форма и ги содржи податоците од член 74 од овој закон и од барањето за упис од член 75 од овој закон.
(2) Покрај податоците од став (1) на овој член во Регистарот задолжително се регистрираат сите промени на запишаната состојба.
(3) Регистрираните увозници се должни секоја календарска година да достават барање за промена на периодот на увоз со податоци за планираниот период на увоз и записник од Државниот инспекторат за земјоделство за исполнетост на условите од член 74 ставови (3) и (4) од овој закон.
(4) За промените од став (2) на овој член регистрираните увозници се должни да го известат Министерството во рок од 15 дена од денот на настанувањето на промената.
(5) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето за промена од ставот (3) на овој член донесува решение за промена на податоци во Регистарот на увозници на одделни земјоделски производи.
(6) Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство врши упис на промените од ставовите (4) и (5) од овој член во Регистарот на увозници на одделни земјоделски производи.
МЗШВ ве повикува да го разгледате новиот закон на ЕНЕР и да дадете ваш коментар.
https://ener.gov.mk//Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=110421
