Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го стави на увид на ЕНЕР новиот закон за земјоделство и рурален развој. Ова е можност со коментари, сите заинтересирани активно да земат учество во носењето на овој важен документ за земјоделските производители но и за сите кои на било каков начин се поврзани со земјоделското производство.
На платформата Агротим го пренесуваме законот поделен во неколку објави со цел да имате поголема прегледност и запознавање со содржината. Во продолжение прочитајте за начинот на пријавување за субвенции, услови, подмирување на обврските и контрола на исплатата на субвенциите.
Законот во целост го имате на следниот линк.
Глава III
ПОЛИТИКА НА ДИРЕКТНИ ПЛАЌАЊА
Директни плаќања
Член 38
(1) Директните плаќања се мерки за поддршка на доходот на активните земјоделци и на земјоделските стопанства.
(2) Директните плаќања од став (1) на овој член може да се плаќаат во форма на производно-неповрзани директни плаќања и производно-поврзани директни плаќања:
1. Производно-неповрзани директни плаќања се:
1.1. основната поддршка на приход за одржливост;
1.2. дополнителната поддршка за прераспределба на приходот за одржливост;
1.3. дополнителната поддршка на приходите за млади земјоделци и
1.4. дополнителната поддршка во полза на климата, животната средина и благосостојбата на животните.
2. Производно-поврзаните директни плаќања се плаќања кои се производно-поврзана поддршка на приходот за сектори кои се важни од социо-економски и еколошки причини.
(3) Директните плаќања од став (2) точка 1 потточка 1.1. на овој член се исплаќаат по површина земјоделско земјиште и грло добиток.
(4) Директните плаќања од став (2) точка 1 потточки 1.2., 1.3. и 1.4. на овој член се исплаќаат како дополнителна поддршка на поддршката од став (2) точка 1 потточка 1.1 на овој член.
(5) Директните плаќања од став (2) точка 2 на овој член се исплаќаат по површина земјоделско земјиште, грло добиток и единица производ.
(6) Висината на директните плаќања од став (2) на овој член се утврдува во зависност од видот на корисникот, видот на културата, големината на површината, класата и квалитетот на земјоделскиот производ и видот на добитокот, како и активности во полза на климата, животната средина и благосостојбата на животните.
(7) Правото на директни плаќања се ограничува со располагање на минимум површина земјоделско земјиште и/или број на минимум грла добиток и/или минимум единица земјоделски производ, со исполнување на стандарди за добра земјоделска и еколошка состојба за земјоделски практики корисни за климата, животната средина, благосостојбата на животните и борба против антимикробната отпорност.
(8) Mинистерот пропишува стандарди за добра земјоделска и еколошка состојба за земјоделски практики корисни за климата, животната средина, благосостојбата на животните и борба против антимикробната отпорност.
(9) Правото на директни плаќања се ограничува и со исполнување на социјалната условеност, односно исполнување на правата од работен однос.
(10) Mинистерот објавува листа на права од работен однос од став (9) на овој член.
(11) Максималниот износ на директните плаќања по корисник може да се ограничи во зависност од големината на површината на земјоделско земјиште, единицата земјоделски производ и бројот на грла добиток со кои располага корисникот.
(12) Поблиските критериуми од ставовите (2), (3), (4), (5) и (6) на овој член, ограничувањата од став (7) на овој член, корисниците од член 5 од овој закон по одделни мерки, максималните износи од став (11) на овој член и начинот на директните плаќања, ги пропишува Владата на предлог на министерот.
Барање за директни плаќања
Член 39
(1) Барањето за директни плаќања се поднесува секоја година од страна на носителот на земјоделското стопанство и ги содржи следниве групи на податоци потребни за процена на прифатливоста на барањето од аспект на исполнување на пропишаните услови:
- општи податоци за носителот на земјоделското стопанство и видот на мерките на директни плаќања,
- идентификација за сите земјишни парцели и број на повеќегодишни насади со нивно просторно лоцирање на графички материјал и користење на земјоделското земјиште,
- број и вид на животни и
- други податоци кои се бараат по мерките на директни плаќања.
(2) Барањето за директни плаќања може да претставува и дел од единствено барање со кое ќе бидат опфатени и други видови на поддршка на земјоделството и руралниот развој.
(3) Барањето за директни плаќања во целост или делови од него може да биде повлечено, изменето или дополнето од страна на поднесителот најдоцна во утврдениот рок за поднесување на барањата.
(4) По исклучок на ставот (3), барањето по површина земјоделско земјиште може во целост или делови од него да биде повлечено или изменето од страна на поднесителот во рок кој Агенцијата ќе му го утврди на подносителот во случај кога земјоделското стопанство не може да ги спроведе земјоделските активности или да исполни некој друг критериум утврден преку Системот за следење на површини.
(5) Барањето за директни плаќања не може да биде повлечено, изменето или дополнето од страна на поднесителот доколку носителот на земјоделското стопанство е веќе информиран од страна на Агенцијата за намерата од изведување на контрола на самото место, или за постоењето на нерегуларност во барањето.
Намалување или исклучување на директните плаќања во случај на неусогласеност со условите од барањето
Член 40
(1) Доколку при спроведување на административна контрола и контрола на самото место од член 51 став (1) од овој закон се утврди дека земјоделското стопанство не е усогласено со критериумите за прифатливост за доделување на директни плаќања или не ги исполнува задолжителните барања или услови и посебните минимални услови од член 38 од овој закон, целиот или дел од износот на директните плаќања кој е исплатен, или кој треба да биде исплатен за оние мерки каде што се исполнети потребните услови, е предмет на намалување до исклучување на исплатата на директните плаќања.
(2) Доколку земјоделското стопанство не ги исполни условите од став (1) на овој член како резултат на виша сила или исклучителни случаи, земјоделското стопанство има право на директни плаќања за земјоделската површина прифатлива во времето кога се случила вишата сила или исклучителните случаи.
(3) Правото на директни плаќања од став (2) на овој член, земјоделското стопанство може да го оствари само доколку писмено ја извести Агенцијата за доказите за виша сила или исклучителни случаи во рок од 30 дена од денот на настанот на вишата сила или исклучителните случаи.
Пресметување на висината на директни плаќања по површина земјоделско земјиште
Член 41
Директните плаќања по површина земјоделско земјиште се пресметуваат на земјоделска површина која земјоделското стопанство ја пријавува во барањето за директни плаќања, согласно со пропишаните услови и барања и не ги надминуваат површините утврдени со административни контроли или контроли на самото место.
Намалување и исклучување на директни плаќања по површина земјоделско земјиште
Член 42
Доколку при контролата се утврди дека големината на површината на земјоделското земјиште е:
- поголема од големината на површината наведена во барањето за директни плаќања, висината на директните плаќања се пресметува врз основа на големината на површината наведена во барањето.
- помала до 3% од големината на вкупната површина наведена во барањето за директни плаќања, висината на директните плаќања се пресметува врз основа на површината утврдена при контролата;
- помала од вкупната површина наведена во барањето за директни плаќања за повеќе од 3% до 20%, или за два хектара од големината на вкупната површина наведена во барањето за директни плаќања, висината на директните плаќања се пресметува врз основа на површината утврдена при контролата, намалена за % на утврдената разлика помеѓу вкупната површина наведена во барањето за директни плаќања и вкупната површина утврдена со контролата, зголемен за два пати.
- помала од вкупната површина наведена во барањето за директни плаќања за повеќе од 20%, земјоделското стопанство целосно се исклучува од користење на директни плаќања по површина за дадената година.
Основа за пресметка на директните плаќања по грло добиток
Член 43
(1) Директните плаќања по грло добиток се пресметуваат за број на животни кој не може да биде поголем од бројот наведен во барањето за директни плаќања согласно со пропишаните услови и барања и не го надминува бројот утврден со административна или контрола на самото место.
(2) Како основа за пресметка на директните плаќања по грло добиток може да се користи и условно грло согласно со пропишан коефициент.
(3) Директните плаќања од став (1) на овој член се исплаќаат само за задржаниот број на грла до крајниот рок за задолжително чување на животните од став (7) на овој член.
(4) Земјоделското стопанство го задржува правото на директни плаќања на бројот на животни за кои поднел барање доколку во текот на периодот на задолжително чување на животните од став (3) на овој член изврши замена на животните без намалување на нивниот број, вклучително замена меѓу овци и кози доколку за нив е предвиден ист износ на директни плаќања.
(5) Замената од став (4) на овој член треба да се изврши во период од 30 дена од настанот поради кој е неопходно да се изврши замена на животните и истите се внесуваат во Систем за идентификација и регистрација на животни не подоцна од три дена од денот на замената. Земјоделското стопанство ја информира Агенцијата за замената на животните во рок од десет дена од извршената замена.
(6) Доколку земјоделското стопанство не ги исполни барањата за задолжителниот период на чување на животните како резултат на виша сила или исклучителни случаи, земјоделското стопанство има право на директни плаќања за бројот на животни во времето на случувањето на вишата сила или исклучителниот случај.
(7) Коефициентот на претворање на бројот на реалните во условните грла од став (2) на овој член и пропишаниот период на задолжително чување на животните од став (3) на овој член ги пропишува Владата на предлог на министерот.
Намалување и исклучување на директни плаќања по грло добиток
Член 44
(1) Доколку при контрола се утврди дека бројот на грла добиток е:
- поголем од бројот од барањето за директни плаќања, висината на директните плаќања се пресметува врз основа на бројот на грла добиток наведени во барањето;
- помал од бројот на грла за секој вид одделно или условните грла добиток во барањето за директни плаќања за најмногу до 3%, висината на директните плаќања се пресметува врз основа на бројот на грла за секој вид одделно или условните грла добиток утврдени при контролата;
- помал од бројот на грла за секој вид одделно или условните грла добиток, во барањето за директни плаќања за повеќе од 3% до 20%, висината на директните плаќања се пресметува врз основа на бројот на грла за секој вид одделно или условните грла утврдена при контролата, намалена за % на утврдената разлика помеѓу вкупниот број на грла за секој вид одделно или условните грла, наведен во барањето за директни плаќања и вкупниот број на грла за секој вид одделно или условните грла, утврден со контролата, зголемен за два пати;
- помал од бројот на грла за секој вид одделно или условните грла, во барањето за директни плаќања за повеќе од 20%, земјоделското стопанство целосно се исклучува од користење на директни плаќања по грло добиток за дадената година.
(2) Намалувањето и исклучувањето на директните плаќања од став (1) на овој член нема да се примени во случаи кога како резултат на природни влијанија потврдени од официјалната ветеринарна служба како што се: смрт на животното или последици од болест и смрт на животното како резултат на несреќен случај за кој не е одговорен носителот на земјоделското стопанство, истиот не е во состојба да ги исполни барањата за задолжителниот период на чување на животните.
(3) Одредбата од став (2) на овој член се применува само доколку земјоделското стопанство писмено ја известил Агенцијата за намалување на бројот на животните во рок од десет дена од денот на настанатата промена, но најдоцна пред денот на најавата за спроведување на контрола.
Исклучоци од примена на намалување и исклучување на директните плаќања
Член 45
- Намалување или исклучување на директните плаќања нема да се примени кога земјоделското стопанство има поднесено точни податоци или кога ќе докаже дека е направена очигледна грешка при пополнување на барањето.
(2) Постоењето на очигледна грешка го утврдува Агенцијата врз основа на проценка и под претпоставка дека корисникот делувал со најдобра намера.
Пресметување на висината на директни плаќања по единица производ
Член 46
(1) Директни плаќања по единица производ се пресметуваат по количина произведен и продаден земјоделски производ на правни лица кои се занимаваат со откуп, преработка и трговија на примарни земјоделски производи, услуги за колење и правни лица за производство на материјали за земјоделско производство и се регистрирани во соодветен регистар во Министерството или Агенцијата за храна и ветеринарство.
(2) Директните плаќања од став (1) на овој член се пресметуваат врз основа на споредени податоци доставени од земјоделските стопанства и правните лица од став (1) на овој член.
Доставување на податоци од страна на правни лица
Член 47
Кога заради остварување на правото на земјоделските стопанства на директни плаќања се неопходни податоците од правните лица од член 46 став (1) од овој закон, истите се должни да ги достават податоците во рокот утврден во актот од член 38 став (12) од овој закон.
Исплата на директни плаќања
Член 48
- Исплатата на директните плаќања не може да се изврши пред да се утврди дека корисникот ги исполнува условите за доделување на директни плаќања.
- По исклучок од став (1) на овој член, директните плаќања од член 38 став (2) точка 1 потточка 1.1. може да се исплатат по спроведена административна контрола и независно дали се завршени контролите на самото место по поднесеното барање.
- Исплатите се вршат директно на земјоделските стопанства, во тековната календарска година и завршуваат најдоцна до 30 јуни следната календарска година.
- По исклучок од став (3) на овој член, исплатите можат да се вршат и по 30 јуни следната календарска година во случај на недостаток на финансиски средства или поради продолжено траење на административните постапки од објективни причини.
- Доколку во постапката за административна контрола или контролата на самото место се утврди дека земјоделското стопанство не ги исполнува условите за доделување на директни плаќања, Агенцијата врши поврат на средствата добиени согласно со ставовите (1) и (2) на овој член во постапка пропишана со Законот за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Подмирување на обврските
Член 49
(1) Користењето и исплатата на средствата од програмата за директни плаќања во земјоделството се врши откако ќе се спроведе постапка за подмирување на неплатени, а доспеани финансиски обврски на корисникот на средствата од износот на одобрените директни плаќања.
(2) Финансиските обврски на корисникот на средствата се по следните основи:
- обврски по основ на закуп за користење на државно земјоделско земјиште;
- обврски по основ на закупнина за користење на државни пасишта и
- обврски по однос на наводнување и одводнување.
(3) Неплатените, а доспеани финансиски обврски од став (2) на овој член се подмируваат преку Агенцијата.
(4) Агенцијата во постапката за исплата на одобрената директни плаќања го задржува износот на неплатените, а доспеани финансиски обврски од став (2) на овој член и го пренесува на сметката на субјектот надлежен за утврдување и наплата на соодветното побарување.
(5) Неплатените, а доспеани финансиски обврски од став (2) точки 1, 2 и 3 на овој член се утврдуваат со состојба на 15 јануари во годината за која се остварува правото на директни плаќања.
(6) Начинот, субјектите, евиденцијата, постапката за подмирување на финансиските обврски од износот на директни плаќања, начинот и формата на размена на податоците и исплатата на директни плаќања ги уредува Владата по предлог на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за финансии.
Контрола на директни плаќања
Член 50
(1) Административна контрола и контрола на самото место се извршува заради утврдување на усогласеност на податоците од барањето за директни плаќања со пропишаните услови за доделување на директните плаќања, како и со барањата и стандардите на земјоделски практики корисни за климата, животната средина и благосостојбата на животните и за борба против антимикробната отпорност и барањата за социјална условеност за доделување на директни плаќања.
(2) Контролата заради утврдување на усогласеност со барањата и стандардите на земјоделски практики корисни за климата, животната средина и благосостојбата на животните и за борба против антимикробната отпорност и барањата за социјална условеност се извршува во обем од 1% од поднесените барања за директни плаќања.
(3) Доколку корисникот одбие или оневозможи да се спроведе контролата на самото место, барањето за директни плаќања се одбива.
Административна контрола
Член 51
(1) Со административната контрола треба да бидат опфатени сите поднесени барања.
(2) Административната контрола може да се изведува со употреба на бази на податоци, регистри и системи на ИСАК заради утврдување на прифатливоста на барањето и откривањето на нерегуларностите со споредбена проверка на декларираните податоци за:
- земјоделските парцели со референтните парцели од Системот за идентификација на земјоделски парцели и Системот за следење на површините заради утврдување на прифатливоста за директни плаќања за тие површини. Податоците од Системот за следење на површините може да се користат за рано предупредување на барателите за отстранување на утврдените недостатоци;
- животните со податоците од Регистарот за идентификација и регистрација на животни заради утврдување на прифатливоста за директни плаќања за тие животни;
- количини производи со податоците за предадени количини производи и/или податоците за купени количини производи обезбедени од откупувачот или преработувачот на земјоделски производи;
- препознавање на организациите на производители или групи на производители со податоците од Регистарот на признаени организации на производители;
- употреба или производството на сертифициран семенски и саден материјал со податоци за набавката, откупот и продажбата на материјалот, или извршување на договорот за техничко-технолошка соработка со овластениот производител и
- други податоци од приложената документација, договори, писмени изјави и други пропишани докази за производство, испорака или продажба на земјоделски производи.
Контрола на самото место
Член 52
(1) Со контролата на самото место во текот на годината треба да бидат опфатени најмалку:
- 5% од земјоделските стопанства кои поднеле барања за директни плаќања;
- 2% од земјоделските стопанства кои поднеле барања за директни плаќања по единица земјоделски производ од анимално потекло и
- 5% од земјоделските стопанства кои поднеле барање за директни плаќања по единица земјоделски производ од растително потекло.
(2) Контролата на самото место за директни плаќања по грло добиток предадено во кланица се врши на примерок од најмалку 30% од сите кланици кои се избираат врз основа на анализа на ризик, при што се контролира примерок од 5% од вкупниот број заклани животни во секоја кланица во период од 12 месеци пред контролата.
(3) Контролата на самото место за директните плаќања по единица земјоделски производ во откупни и преработувачки капацитети вклучува контрола на најмалку 30% од сите субјекти кои вршат откуп или преработка на земјоделски производи избрани врз основа на анализа на ризик.
(4) Кога со контролата на самото место ќе се откријат нерегуларности кај одредена мерка на директни плаќања, регион, или дел од регион, бројот на контроли на самото место во тековната година, како и процентот на земјоделски стопанства кои ќе се опфатат при контролите следната година се зголемува.
(5) Контролата на самото место се изведува врз основа на репрезентативен примерок избран врз основа на критериумите од член 54 од овој закон.
(6) Доколку при проверките на примерокот се откријат нерегуларности, обемот и опфатот на примерокот треба да биде соодветно зголемен.
(7) Контролата на самото место на директните плаќања по површина се врши и со употреба на далечински методи на контрола преку фотоинтерпретација на сателитски или авионски фотографии или со податоци од Системот за следење на површините со употреба на нови технологии во временски период што ќе овозможи да се одлучи за исполнетост на услови за побараната финансиска поддршка на сите земјоделски парцели од барањето за директни плаќања кое е предмет на контрола со цел за препознавање на употребата на земјиштето.
Спроведување на контролата на самото место
Член 53
(1) Контролата на самото место се спроведува без претходна најава.
(2) Контролата на самото место по површина може да се извршува и без присуство на барателот.
(3) По исклучок од став (1) на овој член контролата може да се спроведе со претходна најава во период не подолг од 48 часа пред извршување на контролата, само доколку со тоа не се доведува во прашање целта на контролата.
(4) Контролата на самото место може да се спроведе заедно со другите контроли или инспекциски надзори.
Избор на примерокот за контрола
Член 54
- Примерокот на земјоделски стопанства кои ќе бидат предмет на контрола на самото место се избира по завршување на рокот за поднесување на барањата.
- Изборот на примерокот се врши од сите поднесени барања за директни плаќања врз основа на анализа на ризик и врз основа на случаен избор.
- Со цел за обезбедување на репрезентативност, 20-25% од земјоделските стопанства кои се предмет на контрола на самото место се бираат врз основа на случаен избор.
- Ефективноста на анализата на ризикот се оценува секоја година со проверка на релевантноста на секој од факторите на ризик, како и со споредба на резултатите на контролите базирани на анализа на ризик со контролите извршени врз основа на случаен избор.
(5) Методологија за избор на примерок за контрола на самото место ја донесува директорот на Агенцијата на годишно ниво врз основа на анализата на ризик, како и врз основа на ефективноста и ефикасноста од методологијата од претходната година.
(6) По исклучок на став (1) на овој член, Агенцијата може да прави и делумна анализа на ризик и избор на првични примероци за контрола и да започне со извршување на контролите пред да биде завршен рокот а поднесување на барања, врз основа на одреден број на поднесени барања. Делумната анализа на ризик се дополнува и комплетира по завршување на рокот за поднесување на барањата.
Записник од контролата на самото место
Член 55
(1) По секоја контрола на самото место се составува записник.
(2) Носителот на земјоделското стопанство го потпишува записникот со што ја потврдува својата присутност и ги дополнува своите забелешки доколку ги има.
(3) Доколку носителот на земјоделското стопанство одбие да го потпише записникот за утврдените разлики, истиот ќе му биде доставен врз основа на прописите на општата управна постапка, по што се пристапува на натамошна обработка на барањето.
(4) Носителот на земјоделското стопанство доставува забелешки на примениот записник во рок од 8 дена од денот на приемот.
(5) Доколку со спроведената контрола се утврдени разлики и нерегуларности, на носителот на земјоделското стопанство му се дава копија од записникот.
(6) Формата, содржината и податоците кои ги содржи записникот од став (1) на овој член и на записникот од контрола на самото место заради утврдување на усогласеност со барањата и стандардите на земјоделски практики корисни за климата, животната средина и благосостојбата на животните и за борба против антимикробната отпорност и барањата за социјална условеност ги пропишува директорот на Агенцијата.
Елементи на контрола на самото место за директни плаќања по површина земјоделско земјиште
Член 56
(1) Контролата на самото место за директни плаќања по површина земјоделско земјиште опфаќа најмалку половина од земјоделските парцели за кои земјоделското стопанство бара директни плаќања.
(2) Примерокот од став (1) на овој член треба да обезбеди реално и репрезентативно ниво на контрола во однос на проверената површина и бараната поддршка.
(3) Доколку со проверката од став (1) на овој член се утврдат нерегуларности, примерокот на земјоделски парцели кои треба да се проверат се зголемува.
(4) Површината на земјишната парцела се утврдува на начин кој треба да осигури квалитет на мерење кој е соодветен најмалку на нивото кое се бара со применливиот технички стандард во Република Северна Македонија.
(5) Во случај кога традиционалниот начин на физичко разграничување на земјоделските парцели е препознаен како дел од условите за добра земјоделска пракса и заштита на средината, оваа површина на разграничување, во максимална ширина до два метри, се смета како дел од користеното земјоделско земјиште.
Елементи на контрола на самото место за директни плаќања по грло добиток
Член 57
(1) Контролата на самото место за директни плаќања по грло добиток ги опфаќа сите грла за кои е поднесено барање за директни плаќања.
(2) Контролата на самото место за директни плаќања по грло добиток ги вклучува следниве проверки дека:
- животните кои се присутни на земјоделското стопанство се чуваат во задолжителниот период и ги исполнуваат условите согласно со поднесеното барање за директни плаќања;
- се совпаѓаат податоците за бројот и видот на животни на земјоделското стопанство за кои е поднесено барање со податоците за бројот и видот на животни од Системот за идентификација и регистрација на животните и
- се совпаѓаат податоците во Системот за идентификација и регистрација на животните во однос на придружни документи со кои се дефинира бројната состојба на животните, како што се докази за набавка и продажба на животни, потврди за колење, ветеринарни сертификати и пасошите на животните за период од шест месеци пред изведувањето на контролата.
(3) Контролата на самото место во кланици опфаќа проверка на документацијата на кланицата.
(4) Контролата на самото место во откупувачки и преработувачки капацитети се врши преку проверка на релевантноста на податоците за откупените земјоделски производи, добиени од откупувачи и преработувачки капацитети со податоците добиени од земјоделските стопанства во однос на количината и квалитетот на земјоделските производи.