Македонски Телеком информира дека ги добила предлозите на владата за нови членови на Одборот на директори.
Како што е наведено на официјалната страница на Македонската берза предложени се: Сашо Димитријоски, Иван Митровски, Марин Алексов, Даниела Кржовска, Нусрет Зиба и Сеад Арслани. Сите членови предложени од владата се неизвршни членови на Одборот на директори. Еден од нив, според статутот на компанијата се бира за претседател на Одборот на директори.
Димитријоски е Магистер по телекомуникациски системи и технологии. Членува во повеќе професионални меѓународни организации и тела. Тој е основач на компанијата „Гран Фондо“, која обезбедува најсовремени решенија и услуги за мерење на време на спортски настани.
Митровски е заменик градоначалник на општина Кисела Вода и магистер по Бизнис и администрација.
Алексов има завршено Факултет за безбедност и безбедносни науки. Тој е актуелен член на Надзорниот одбор во Државна лотарија.
Кржовска е електротехнички инженер и има 22-годишно искуство во областа на маркетинг, развој на бизнисот и ИТ на телекомуникациските услуги. Вработена е во Телеком и била раководител за маркетинг на производи – Македонски Телеком.
Зиба е професор по англиски јазик, но има и приватна фирма.
Сеад Арслани има завршено Економски факултет – отсек финансии и маркетинг и е актуелен советник во општина Бутел. Работел во повеќе јавни установи и министерства.
Тие ќе ги заменат досегашните владини претставници во Телеком: Игор Милев, Нина Ангеловска, Бардул Насуфи, Шкодране Дарлишта и Аќиф Медиу.
Изборот на новите членови и отповикувањето на старите членови на Одборот на директори предложени од владата ќе се изврши на 30 мај.
Мандатот на членовите на Одборот на директори е четири години.
Одборот на директори управува со Друштвото и се состои од 14 членови, од кои 13 се неизвршни членови, 1 е извршен член кој го носи називот Главен извршен директор и 4 од неизвршните членови се независни членови на Одборот на директори. Владата предлага 6 неизвршни членови од кои се избира претседател на Одборот на директори.
Владата поседува 34,81% од акциите на компанијата, вклучително и таканаречената златна акција со право на вето.
