Ако одиш во кафеана да порачаш вино „Cabernet sauvignon“ ќе ти го наплатат 1.500 денари, а тоа се прави од два килограми грозје што нам ни го плаќаат по 25 денари за килограм или 50 денари, раскажува нашиот соговорник Иле Станоев кому неговото лозје му е хоби. Тој не живее од земјоделство, туку ова го работи како хоби и му е дополнителен приход, ако, како што вели, може да се рачуна како приход бидејќи има и многу трошоци.

Станоев живее во Неготино и има 5 декари лозје во Криволачки атар. Тоа не е многу голема површина, лесно му е да го сработи, му помага и сопругата и годинава на декар лозјето им дало по еден тон грозје.

Го прашавме дали е задоволен од откупната цена.
-Не само сега, ниту една година јас не сум задоволен од цената, треба повеќе да се плаќа и да се цени според квалитет. Не може двете сорти да бидат иста цена. Ако јас берам од моето лозје на декар по 1000 килограми, Смедеревката дава трипати повеќе грозје на декар, а е иста цена со „Cabernet sauvignon“. Не може да бидат иста цена, одговара Станоев.
Според него треба цената да се формира според сортите и квалитетот и да се цени од страна на винарските визби.
-Би требало сортите да се оценат правилно, според квалитетот. Јас не го продавам на винариите бидејќи слабо плаќаат, треба да чекаш, па некои плаќаат на рати. Лошо е тоа. Имам откуп, го продадов годинава на луѓе, не на винариите. Пред 20 години го прододов за 20 денари за килограм, сега е 25 денари за килограм. Толку пораснала за 20 години, а трошоците повеќе пати се зголемуваа и за повеќе од 100 посто. Не е убава цената, ама нема што да правиш. Еве за споредба со Смедеревката, таа на истата површина дава трипати повеќе грозје, а цената со „Cabernet sauvignon“ им е иста, што не е во ред. Тие две сорти не можат да се ценат исто, вели Станоев.
Тој лозјето го работи како хоби бидејќи традиционално во неговиот крај тоа се работи. Го крои, го врзува, го прска, го чисти од плевел и го бере, а ни го одговори и деликантното прашање, „Зошто работи ако не му се исплати?“
-Како во Кочани што е оризот, кај нас е лозјето, нема што друго да се работи. Имаме земја и клима за лозје. Не ми е тешко да го работам, а дека не се исплати, не се исплати. Тоа е друго. Еве и платите се мали, работам во Комуналец за 25 илјади плата и сега што да правам, да не одам ли на работа. Мора да се работи, истакна нашиот соговорник.

Станоев вели дека оваа година се погодија климатските услови за лозјата.
„Ова година имаше убави временски услови, многу сонце и лозјето роди убаво и си го задржа родот. Нема многу работа, но има прскање, губриво ако сакаш да ставиш може да даде повеќе. Сето тоа го направивме, го кроевме, го обравме и го продадовме“, раскажува Станоев кој работи со мерак.

За нивата исполнува услови за субвенции и од државата редовно добива по 4000 денари од декар што е само уште еден плус за да си ужива во своето хоби.
