Предлог-буџетот за секторот земјоделство за 2023 година е 12 милијарди денари и е поставен на 5 клучни столба, реформите во земјоделството, односно новиот модел на субвенционирање, малите семејни бизниси и нивниот понатамошен развој, капиталните инвестиции, особено во водостопанството и системите за наводнување, зелената транзиција и модернизација на земјоделството, која доаѓа првенствено преку ИПАРД 3, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
„Првиот столб е историска реформа во земјоделството со која за првпат во историјата започнуваме нов модел, односно драстично го менуваме моделот на субвенционирање и воведуваме предвремена авансна исплата на субвенциите. Затоа се обезбедени над 7 милијарди денари за новиот модел за исплата од програмата.
Во интерес на земјоделците е новиот модел на субвенционирање, кој е насочен кон зголемено домашно поризводство, фокусот е на договорното производство и кон вистинските земјоделци, кон оние коишто произведуваат.
Најважната порака која ја испраќаме преку новиот модел е стимулативниот ефект и брзата исплата на субвенциите, но и олеснетото аплицирање.
Фокусот е ставен на сите значајни култури и на развојот на сточарството пред сè. Во 2023 ќе имаме рекорно високи субвенции за високомлечните грла зголемени за минимум 30%, со што стимулираме поголемо производство на млеко.
Она што е најважно за новиот модел е што се фаворизира целокупното домашно производство.“, информираше министерот Николовски.
