Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска го презентираа новиот предлог Буџет на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2023 година.
Премиерот Ковачевски посочи дека следната година секторот земјоделство го има најголемиот буџет за земјоделство со кој се реализира најголемата земјоделска реформа за промена на моделот за субвенционирање, и тој преставува основа за понатамошен развој на земјоделството.
„Вкупниот предлог буџет за 2023 за поддршка на земјоделството, во кој што се опфатени сите институции кои учествуваат во развојот на овој сектор, е во износ од 193 милиони евра што претставува зголемување за 45 милиони евра споредено со 2022. Вака проектиран треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за развој на земјоделството, што крајно ќе влијае на вкупниот економски раст.
Ќе посочам дека најголем дел од средствата се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде што има и најголемо зголемување. Во 2023 година, Агенцијата ќе располага со 140 милиони евра од кои 114 милиони евра се наменети за исплата на субвенциите и спроведување на најголемата реформа во земјоделството.“, рече Ковачевски.
Премиерот се задржа на неколку сегменти од предлог Буџетот 2023 во делот на земјоделството.
„Предлог буџетот за земјоделство за 2023 година е развоен, базиран на мерки за поддршка на земјоделците, антикризни мерки за одржливо и зголемено домашно производство на земјоделски производи и храна во услови на криза, капитални инвестиции и модернизација на земјоделството на среден и на долг рок и се темели на неколку цели:
– Почетокот на авансната исплата на субвенциите и навремена исплата на сите субвенции,
-Одржливо и зголемено домашно производство на храна,
-Капитални инвестиции,
-Зголемени инвестиции преку програмата за рурален развој,
-Модернизација на македонското земјоделство.
Премиерот појасни дека во 2023 година започнува најголемата реформа во земјоделството, за прв пат, по европски терк, се воведува новиот „decoupling систем” за распределба и исплата на субвенциите. Земјоделците ќе имаат авансна исплата на субвенциите. Ќе ги добиваат парите тогаш кога им се најпотребни, да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство.
„Во тој контекст, дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, со користење на сертифицирано семе и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги. Дополнителна поддршка е предвидено и за земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба.“, рече Ковачевски.