Американската црна малина е исклучително богата со витамини, но кај нас малку се знае за неа, за разлика од црвената малина која им е позната на сите. Вучко Антонијевиќ, српскиот производител од селото Богатиќ кај Ваљево, случајно наишол на садници од црна малина, а со оглед на тоа што на својот имот одгледува малини, капини, рибизли и боровинки, не му било проблем да ја проба и оваа сорта.
„Американската црна малина е сорта која расте во Соединетите Американски Држави, а почнала да се одгледува во триесеттите години на 20 век. Денес има десет видови, а кај нас се појавила во седумдесеттите“, објаснува Антонијевиќ и додава дека кога почнала да се одгледува, не била прифатена пред се од стручни лица, но ниту производителите не сакале да ја засадат бидејќи не верувале дека може да опстане на овие простори.

Црната малина е специфична затоа што има големи трње, како дивите капини. Со текот на времето се покажа дека е отпорна на ниски температури и дека може да даде добар род.
„На почетокот сите беа изненадени што почнав да одгледувам црни малини, па кога ќе созрее, целиот малинарник поцрнува. Малку има информации за оваа малина, колку е здрава, сочна и вкусна. Сè може да се направи од ова овошје, исто како од црвените малини, и сокови и џемови, мармалади, сирупи“, вели тој и додава дека при бербата се обојуваат рацете.
Како што вели Антонијевиќ, црните малини се многу поотпорни на болести од црвените сорти и може да се размножуваат со ставање на врвовите на ластарите во земја. Се надева дека луѓето ќе сфатат колку е здрава и дека и други ќе одлучат да го одгледуваат овој вид.
Американската малина е рудник на витамини и здравје
Во споредба со црвените сорти, црната малина има многу повеќе сува материја, а во однос на концентрацијата на антиоксиданси воопшто не заостанува зад аронијата.
„Оваа малина има уникатен вкус, се разликува од локалните малини, но не е ни како капините. Добро поднесува ниски температури и добро се транспортира, а научниците рекоа дека црната малина е добра, бидејќи ги врзува слободните радикали и може да биде многу ефикасна при спречување на малигни заболувања“, вели Антонијевиќ.
Веќе две децении одгледува малини, капини, рибизли и боровинки, а сите растенија ги полева со системот „капка по капка“.
„Има многу вложено пари во производството, многу се работи, но се исплати, пред неколку години набавив специјални системи за наводнување капка по капка, како и специјални филтри за водата што ја користам за наводнување на малините. Секако, се консултирам и со експерти од оваа област и тоа многу значи“, вели овој производител.
Нема пазар за жолтите малини
На Деновите на малина што се одржаа во Бранковина на крајот на јуни, Антонијевиќ беше прогласен за најголем производител во овој регион. Посетителите можеа да ја видат и жолтата малина која Антонијевиќ неодамна почна да ја одгледува.

Жолтата малина има извонреден вкус и не е потешка за одгледување од другите сорти. Во Србија нема организиран откуп на овој вид, па затоа не се одгледува на големи површини, туку повеќе за сопствени потреби и консумација во свежа состојба.
„Овој вид малини е од сортата жолт микер. Многу малку се одгледува, привлечна е поради својата боја и може да се одгледува за да се добијат хибриди“, вели советникот во Земјоделската советодавна служба Ваљево Миливој Тимотиќ и додава дека и црната и жолтата имаат убав вкус но не се одгледуваат помасовно и на поголеми површини.
„Нашиот пазар е таков што бара плодови од црвена малина. Интересно е што во северните земји повеќе се бара светло црвено овошје, додека во јужните, клиентите се повеќе заинтересирани за потемни сорти. Од Србија повеќето од извозот е на пазарот на Европската Унија.Во 2020 година извезовме 18.674 тони, а вкупната површина под малини во Србија е 20.400 хектари“, вели Тимотиќ.
Жолтата малина созрева дури во средината на јули, а на повисоките места и подоцна. Отпорна е на болести и може да се одгледува до 1.000 метри надморска височина. Најважно е да се најде пазар, па дури потоа да се подигне насад, бидејќи овој вид кај нас се уште не е популарен.
Извор: agroklub.rs
