Бутик винаријата „Бади“ е сместена во Кавадарци – срцето на Тиквешкиот вински регион. Лозовите насади се наоѓаат во еколошки чиста и недопрена природа на надморска височина од 350-450 м.н.в., со традиција пренесувана 5 генерации.
Разговаравме со сопственикот на винаријата, Блаже Бади Миневски, кој ни откри сè за почетоците на винаријата:

-Првото производство на вино во нашата семејна винарија започнува во 2005 година. Тогаш ја набавивме првата опрема, првите цистерни и почнавме да произведуваме вино за своја душа и за пријателите. Со текот на годините, надградувајќи се и постојано учејќи, успеавме целото производство на грозје да го преработиме во сопствената винарија. Во 2018 година се роди бутик винаријата Бади. Капацитетот на винаријата е 10.000 литри годишно, произведуваме црвено вино, розе и бело вино (Bisera White, Bisera White Late Harvest, Sauvignon Blanc, Passion Cuvée Rose, Badi Love Cabernet Sauvignon, Badi Love Kratoshija, Badi Love Vranec, Badi Love Merlot), ракија и вињак, маџун и производи од грозје со висок квалитет. Бутик винарството, кое ние го практикуваме, е едно од најценетото и најреспектабилно винарство на светската винска мапа.

Го прашавме Бади која е разликата меѓу органското и конвенционалното вино.
„Органското вино и да не биде класифицирано како органско, никој нема да го препознае. Тука доаѓа до израз етичкиот дел во винарството, колкав дел од себеси како винари сме подготвени да внесеме во самото вино. Производството на грозјето во нашите лозови насади е по пат редукција – смалување на приносите, на сметка на високо квалитетно грозје. Нашите производи се без употреба на пестициди, инсектициди и вештачки ѓубрива – природни и еколошки производи, без употреба на средства од животинско потекло – вегански производи, произведени со многу љубов, истрајност и почит. За производството на виното, од грозјето па до флаширањето, се користат минимални или никакви технолошки интервенции, а во секое шише вино од Винарија Бади е отсликано богатството и природните убавини на Тиквешкото виногорје.“

Винаријата Бади располага со сала за дегустација со капацитет од 20 гости и нуди пакети за дегустација и спарувања со храна и вино со сомелиер, пикник дегустации на лозовите насади и комбинирани настани во природа.

„Мислам дека еколошкото винарство е иднината на Тиквешијата. Ги имаме сите микроклиматски услови да можеме да работиме. Добрите ветрови, одличната клима, големиот број на сончеви денови, богатата почва… со поголема едукација, сите тие работи можат нѐ направат рамноправни со најголемите органски дистрикти во светот.“, вели Миневски.

Винаријата Бади заедно со уште 11 семејни компании заеднички ги пласираат своите производи под брендот „Премиум производи“. Ваквиот пристап овозможува сите овие производители да добијат поголема видливост и присутност во малопродажбата. Моделот беше препознаен како уникатен и поддржан од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

