Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска имаше свое обраќање на настанот „Денот на НАТО – 4 Април“. Настанот „Денот на НАТО – 4 Април“ традиционално го организира Евроатлантскиот совет на Северна Македонија и на него, покрај одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор и формирањето на НАТО, јавноста се информира за развојот на настаните на глобално ниво, придонесот на државава и бенефитите од членството во Алијансата. На настанот се презентираат и реформите и напредокот на годишно ниво, со посебен осврт на Армијата. Оваа година посебен фокус е ставен на пандемијата и војната во Украина, во пресрет на Самитот на НАТО во Мадрид.

Во своето обраќање министерката Петровска ја потенцираше важноста на безбедноста за зголемување на економскиот раст.
„Безбедноста гарантира зголемување на економскиот раст. Членството во НАТО носи нови можности, нов пазар и побрз прогрес. Тоа претставува нова можност за државата, но и гарант за нови инвестиции. Секако, најголема шанса за нашата бизнис-заедница и компаниите е да учествуваат во големиот синџир на набавки и снабдувања со производи и услуги за потребите на НАТО. Со членството во НАТО се обезбеди и сигурност за македонските компании при склучување на нивните бизниси со странски компании. Се подразбира дека голем фактор при одлучувањето на која било компанија да започне бизнис партнерство со друга компанија, е безбедноста и стабилноста на државата во која компанијата егзистира. Дополнително, со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО се отвори и можноста за нашите компании активно да учествуваат на јавните набавки кои се објавуваат од страна на НАТО агенциите за набавки. Досега постапката за регистрација за учество на јавните набавки ја имаат направено 13 компании“, рече Петровска.
Министерката ги охрабри компаниите заедно со Министерството за одбрана да ги искористат овие можности.

„Јас како министерка ве охрабрувам и ве поканувам заедно да ги искористиме овие можности. За оваа цел компаниите имаат вистински партнер во Министерството за одбрана во чии рамки е воспоставен центарот за поддршка на домашните компании за пробив на НАТО пазарот. Сакам да најавам дека овој центар ќе го зајакнеме и со луѓе и со експертиза и ги повикувам и компаниите и коморите на соработка да ја искористиме можноста најдобро што можеме нашите бизниси да влезат на пазарот на НАТО.“, рече министерката.
