На настанот „Денот на НАТО – 4 Април“ што го организираше Евроатлантскиот совет на Северна Македонија свое обраќање имаше и извршниот директор на Бизнис клубот на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, Свето Јаневски.
Јаневски потенцираше дека не треба да бидеме само брзи, туку и храбри во реформите, зашто само просперитетните економии може да гарантираат безбедност и стабилност.
„Главниот краткорочен приоритет треба да биде спроведување економски политики насочени кон подигање на стандардот и обезбедување можност за младите. Мораме брзо да обезбедиме енергетска независност, да го редизајнираме сегашниот закон, да ги намалиме бирократските практики и да им овозможиме на сите заинтерсирани да инвестираат во обновливи извори“, рече Јаневски.
Намалување на увозната зависност и инвестирање во самоодржливоста, е најважниот аспект од домашната економија на кој треба да работиме, а храната и енергијата да бидат првите области на кои ќе се фокусираме, порача извршниот директор на Бизнис клубот на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија.

Во однос на земјоделството Јаневски укажа дека е неопходно да се реструктуираат субвенциите и да се овозможат меки кредити и државни гаранции за компаниите кои се подготвени да инвестират и да го трансформираат секторот.
„Иако традиционално сме земјоделска земја со идеални услови за производство на храна, годишно бележиме трговски дефицит од преку 300 милиони. Годинава ќе биде уште повеќе. Увозот на храна беше околу 700 милиони, но годинава очекуваме да биде една милијарда. Иако се субвенционираат милионски суми, реструктуирањето на владините субвениите мора да биде највисок приоритет заедно со овозможување меки кредити и државни гаранции на компаниите кои се подготвени да инвестират и да го трансформираат земјоделството. Треба да дејствуваме сега. Клучно е да се овозможи отворен дијалог за приротетите на државата, да се направи план во кој сите ќе веруваат и што ќе се реализира за да се трансформира и зачува земјата, а нашата најважна битка треба да биде против емиграцијата.

Јаневски исто така ја нагласи важноста на членството на нашата земја во НАТО.
„НАТО е и ќе остане камен-темелник на безбедноста на нејзините членки. За нас НАТО значи поголема одговорност за заедничката безбедност, но и за исполнување на стандардите на цивилизираниот свет: демократски институции, либерална пазарна економија, борба против корупцијата, владеење на правото, осносно човечко достоинство и поширока толерантност. На Балканот тоа не е познато, се уште сме на почеток на нивното спроведување“, рече Јаневски.
