Светските цени на млекото растат поради војната во Украина и нарушувањето на синџирот на снабдување. Financial Times објави дека цените на полномасното млеко во прав и безводните млечни масти се зголемени.
Цитирајќи ги податоците од Глобалниот трговски индекс на млечни производи, Financial Times објави дека цената на безводната млечна маст достигна рекордни 7.111 долари за тон на 15 март, додека цената на полномасното млеко во прав го достигна осумгодишниот максимум.
Нов Зеланд забележа пад на производството
Русија и Украина се меѓу главните добавувачи на ѓубрива и житни култури потребни за храна на добитокот и со прекинот на увозот од оваа област, производителите се најдоа во неволја.
Нов Зеланд учествува со околу 35 отсто од светската продажба на млеко, но забележал пад од шест отсто во производството во однос на претходната година.
„Војната во Украина дополнително ја влоши ситуацијата предизвикана од пандемијата ковид-19, влијаејќи на глобалните синџири на снабдување, цените на нафтата и снабдувањето со житарки“, рече Мајлс Хурел, извршен директор на новозеландската „Фонтера“, најголемиот светски извозник на млеко.
Повисоки трошоци за добиточна храна
Забележано е дека зголемувањето на цената на добиточната храна е голем проблем за млекарниците, бидејќи чини 70 до 80 отсто од трошоците. Во комбинација со други негативни фактори, ова веќе доведе до проблеми за петте најголеми светски извозници.
Производителите стравуваат дека ќе има уште поголем раст на цените на суровото млеко, кое е еден од главните производи на прехранбената индустрија ширум светот.
Жулиен Денорманди, францускиот министер за земјоделство, рече дека војната може да доведе до криза со храна на глобално ниво.
Најсиромашните најпогодени
Најпогодени ќе бидат најсиромашните. Домаќинствата во земјите со ниски приходи трошат речиси половина од буџетот за храна. Посебно ќе бидат погодени земјите од Блискиот Исток и Северна Африка кои набавуваа житарки и друга стока од Русија и Украина.
Во Либан во 2020 година, повеќе од 80 отсто од пченицата беше увезена од Украина. Либија задоволуваше 40 отсто од потребите за пченица со увоз од оваа земја. Ништо подобра не е ситуацијата во Египет, каде што 80 отсто од пченицата доаѓа од Русија и Украина.
