Вчера во Валандово, во организација на Агротим се одржа трибина со производителите на градинарски култури на кои им беше претставен проектот за Договорно производство на органска пиперка.

После подолго време, еден состанок на кој се дебатираше конструктивно, со конкретни прашања и дилеми за начинот на производството и исти такви одговори од работната група.

Органското производство ниту е потешко, ниту поскапо. Напротив, со енормното покачување на цените на репроматеријалите, овде давачките може да се значително пониски, а приносот и родот квалитетни.
-Имавме пресметки од минатата година од страна на земјоделците кои потврдија дека до 50% имаат помалку трошоци во производството на органска пиперка, за разлика од конвенционалниот начин на производство. Приносот и родот беа одлични и откупувачот беше задоволен. Пиперките се исплатија согласно договорот и можеме да кажеме дека имавме успешна прва реколта, која ги мотивираше и другите земјоделци да се вклучат во Договорното производство на органска пиперка, сезона 2022 – рече Ангела Ѓеровска – советничка за органско производство.

Земјоделците најмногу се интересираа околу сигурноста на договорот, дали ќе се почитува, имајќи предвид претходни лоши искуства кога преработувачи не им платиле или просто не ја подигнале суровината.
Токму затоа и го започнавме лани, а годинава го продолжуваме проектот Договорно производство на органска пиперка, за да ги промениме состојбите во овој дел, поточно да ја вратиме довербата меѓу земјоделците и преработувачите. Факт е дека е таа изгубена од двете страни, но исто така факт е моменталната состојба која диктира сигурност на производството и пласманот, а тоа е возможно само преку сериозен пристап на модел како Договорно производство. Затоа сме и тука со вас да разговараме и да ги расчистиме сите ваши дилеми преку ланскиот успешен проект со поддршка на Проектот за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, со кого разговараме да продолжи нивната поддршка и оваа година – изјави Ленче Николовска, директорка на Агротим.


Заклучок – интерес постои, довербата полека се враќа, се размислува прагматично, најважна е сигурноста на производството и пласманот.
Следуваат директни средби со преработувачите и потпишување на договорите.

Не радува и фактот по заминавање на работната група за Договорно производство на органска пиперка, во салата останаа градинарите кои се договараа за формирање на Земјоделска Задруга, проект кој го започнавме со договорното производство на зелка во валандовскиот регион.
Максимална поддршка од Агротим и за овој процес, тоа е единствениот пат кој може да фати правец со новиот начин на делување во агросекторот.

