Холандија е несомнено еден од лидерите во областа на земјоделството во Европа, но и во светот. Тајната на нејзиниот успех е во т.н „златниот триаголник“ на соработка меѓу научната заедница, приватниот и владиниот сектор. Оваа мрежа на клучни актери во областа на земјоделството овозможува дизајнирање и имплементација на успешни иновации кои последователно и го носат на Холандија статусот на гигант во светското земјоделство. Но, вратата не е затворена за соработниците од другите области, како уметноста! Еден од производите на ваквата соработка е проектот GROW.
Проектот GROW е проект на холандскиот уметник и иноватор Daan Roosegaarde инспириран од фотобиолошките технологии, кои укажуваат дека одредени комбинации на сина, црвена и ултравиолетова (УВ) светлина можат да го подобрат растот на растенијата и да ја намалат употребата на пестициди до 50%.

Проектот е реализиран во соработка со уметникот од Универзитетот во Вагенинген и холандската Рабобанк со цел да се испроба „светлосниот рецепт“ на поле на праз од 20.000 м2 во Лелиштад. Специјализираните LED диоди обично се користат за одгледување на култури во оранжерии и се почесо се гледаат на „вертикалните фарми“ во градовите. Меѓутоа, научниците веруваат дека постои потенцијал за употреба на LED диоди во традиционалните рурални средини, што е прикажано од проектот GROW.

LED светилките со соларна енергија ја зголемуваат количината на светлина што растенијата обично ја добиваат во текот на денот. Дополнително, проектот GROW истражува дали краткорочната изложеност на одредени бранови должини на УВ може да ја намали потребата од пестициди. Специфичната ултравиолетова светлина го активира одбранбениот систем на растението, а она што е интересно е што влијае на сите култури. На тој начин се овозможува намалување на употребата на пестициди.

Планот е проектот GROW, како и самата инсталација, да бидат претставени во 40 различни земји за да може „светлосниот рецепт“ да се тестира и во други климатски услови, земајќи ги предвид спецификите и културата.
Според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), одржливата храна и земјоделството се клучни фактори за исполнување на сите четири столба на безбедноста на храната – достапност, пристап, употреба и стабилност. Реализацијата на проекти како што е GROW е клучно за воспоставување одржливо земјоделство.


